Единствен аргумент на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не даде поддшка, според власта, е тоа што во законот е наведено името Република Северна Македонија, кое стои и на ратификацијата на договорот за НАТО, што треба да помине во Собранието.
„Ако сите се залагаме за членство во НАТО, неопходно е да се донесе Законот за одбрана, кој е клучен за пристапувањето во Алијансата. Ќе биде неодговорно од сите нас да зборуваме за ратификација, а да не си ја завршиме домашната задача. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, кое молчи на оваа крупна тема. Без тој закон ќе биде неодговорно да се зборува за ратификација, а притоа да не се завршува домашната задача. Владата е уверена дека ние ќе успееме да ја завршиме ратификацијата на нашиот НАТО протокол навреме“, вели Шекеринска.
Со законот треба да се исчистат неусогласеностите и да се уредат обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преоѓањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана. Исто така, се уредува и процедурата за учество во мисии и операции на НАТО. Со измените на законот целосно се регулира прашањето за учество на цивили, вработени во министерствата за одбрана, за здравство и за внатрешни работи, како резервен состав, доколку самите изразат волја, желба и ако има потреба таков кадар да учествуваат во мисии. Сите наши учесници во мисии, без разлика дали се цивилни лица или припадници на Армијата, ќе ја носат униформата на С.Макеоднија, а обележјето ќе биде исклучиво знамето на државата. Во законот првпат се вградува принцип на правична застапеност.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, веќе доби зелено светло од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но без членовите од ВМРО-ДПМНЕ. Осум членови беа „за“, немаше против и воздржани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата.