Сеул објави оти балистичката ракета лансирана од Северна Кореја експлодирала во воздух

Претставници од Јужна Кореја, САД и Јапонија, соопшти јужнорејската војска, одржаа телефонски разговор и го осудија лансирањето на ракетата во контекст на кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и сериозна закана за мирот и стабилноста во регионот и пошироко

Северна Кореја тестираше балистичка ракета од нејзиниот источен брег, но таа експлодира во воздух откако прелета околу 250 километри, објави јужнокорејската војска, пренесе Асошиејтед прес.

Илустративна фотографија / Фото: EPA-EFE/YONHAP SOUTH KOREA OUT

Во соопштението се наведува дека Северна Кореја лансирала балистичка ракета од нејзиниот главен град околу 5:30 часот во средата. Проектилот бил истрелан кон источните води, но лансирањето завршило неуспешно.

Претставници од Јужна Кореја, САД и Јапонија, соопшти јужнорејската војска, одржаа телефонски разговор и го осудија лансирањето на ракетата во контекст на кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и сериозна закана за мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Лансирањето следеше по осудата на Северна Кореја на пристигнувањето на американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“ во Јужна Кореја, оценувајќи го за чин на провокација. Носачот на авиони пристигна во Бусан, 320 километри југоисточно од Сеул, пред трилатералните воени вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија во саботата.

Лансирањето на ракетата дојде и откако Северна Кореја потпиша сеопфатен договор за стратегиска соработка со Русија за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг минатата недела, во кој, меѓу другото, се предвидуваше дека двете земји ќе си помогнат ако бидат нападнати.

Северна Кореја последен пат лансираше балистички ракети со краток дострел во Источното Море на 30 мај.

- Реклама -