Адена Левин – сопственичка на бургер барот „50 A Burger and Champagne“, ги воодушеви своите вработени, ама и хрватската јавност, подарувајќи им платен годишен одмор до 1 февруари. Во објавата на Фејсбук таа образложи дека тоа го прави за да ги награди за вредната работа во текот на Адвент (во католичката црква – периодот од четири недели пред Божиќ).
„Секој ден објавуваме фотографии од нашите бургери, коктели, рамени (јапонско јадење)… но сето тоа не би било можно без нашиот сјаен персонал, кој вам сето тоа ви го подготвува и кој вас секој ден ве послужува со насмевка од уво до уво. Работеа ден и ноќ за време на Адвент и сметаме дека заслужија да ги наградиме“, пишува сопственичката.
„Единствениот начин бизнисот/компанијата да биде успешна е да има среќни работници, а работниците можат да бидат среќни само ако се добро платени и ако имаат доволно време за себе“, додава Левин.
„… А кога работите во ‘50 A Burger and Champagne’, вие не сте само работник, туку дел од семејството на 50-ка. Затоа одлучивме сите наши вработени да ги пратиме на годишен одмор до 1 февруари. Се гледаме тогаш со многу нови изненадувања за Вас“, се вели во постот на официјалната Фејсбук страна на бургер барот.
PS. Сопственичката на сендвичарата е Американка.