All in: Семејството што продаде сé, за да купи биткоини

Од Инстаграм

Читајќи за биткоини и како рушат рекорди, на многумина од нас им прелетала мислата да продадат сé или скоро сé што имаат за да инвестираат во криптовалутата. Разликата меѓу нас и Диди Таихуту е тоа што тој тоа веќе го направи.

39-годишникот си ја продал куќата (главно) за да купи биткоини, и сега живее заедно со семејството (жена и три ќерки) во барака во камп во близина на Венло, Холандија. Сé што поседува, во меѓувреме, е огласено за продажба – автомобилот, моторот, електричните велосипеди, играчките на децата, облеката, обувките и слично. Скоро сите пари ги инвестира во криптовалути (не само биткоин) и верува дека во иднина тоа ќе го направи богат.

„Луѓето ќе речат: Ти си луд!, но ние сме авантуристичко семејство и ќе се коцкаме на момент и ќе живееме минималистички живот. Ако никогаш не преземеш ризик, животот е досаден“, вели тој.

Таихуту е еден од многуте што сметаат дека дигиталните пари, како биткоин и blockchain технологијата зад валутата, ќе ја трансформираат улогата на парите и банките во општеството. Предноста на blockchain е што не е потребна трета страна за да го одобри плаќањето/трансферот – улога што во моментов им припаѓа на банките, а истовремено огромна мрежа од компјутери чува листа/досие на сите трансакции.

„Интернет беше револуција за информацијата. Мислам дека blockchain и криптовалутите ќе го револуционеризираат финансискиот систем. За едно пет години, сите ќе велат: јасно беше дека ќе се случи. Јас реагирам на промените токму сега (а не кога ќе биде предоцна)“.

Девет месеци одмор, па радикална одлука

Радикалната одлуката да продадат сé, Таихуту и неговата сопруга ја донеле летово, откако се вратиле од 9-месечно патување низ Азија и Австралија заедно со нивните три ќерки. Го посетиле Angkor Wat во Камбоџа, пливале со делфини во близина на Бризбејн, се тегнеле по плажа во Тајланд.

На патувањето му претходела смртта на таткото на Диди, кој веќе една година бил смртно болен, од рак. Било тоа тежок период за Таихуту и веќе не можел да издржи. Го продал бизнисот во Венло (11 години водел компанија што нудела компјутерски курсеви), а семејството решило да оди на одмор.

Средби со закоравени „биткоинаши“

За време на патувањето, Таихуту постојано налетувал на луѓе кои користете дигитални пари. Во Бали, на пример, сретнал јужноафрикански берзански трговец кој се пензионирал по 17 години работа, и наместо тоа се посветил на трговија со биткоини.

И ден денес одржува контакти со сите тие луѓе. Комуницираат преку Скајп, секојдневно го анализираат пазарот, и тргуваат во зависност од цената. „Ова се луѓе што имаат многу искуство во тргувањето – тоа е нешто што мене сé уште малку ми недостасува“, вели тој.

Сепак, со криптовалути се бафта од 2010-та, кога биткоин вредеше помалку од едно евро. По својата природа, вели, е претприемач. „Кога прв пат слушнав за биткоин, реков: Океј, да го направиме ова“.

„Копање“ биткоини

Уште некаде при почетоците, Таихуту создал приватен бизнис и купил десетина компјутери за да ископува биткоин. Кога вредноста стигна до неколку стотици евра во 2013-та, одлучил да ја продаде целата залиха. „Ако знаев дека четири години подоцна ќе вредат 10 пати повеќе, секако дека немаше да ги продадам сите“, вели Диди од денешна перспектива. Но тогаш сметал дека мора да направи профит.

Не многу подоцна, цената на биткоинот вртоглаво опадна и вредноста веќе не беше јасна. Одеднаш Таихуту се нашол во ситуација кога сметките за кирија и струја му се прескапи.

Прочитајте и:  Крипто-манија на славните – инвестираат милиони во криптовалути

Тогаш ќе се обиде со Dogecoin, тогаш помала криптовалута во подем. Имал огромна количина од нив, но речиси ништо не вределе. Целото портфолио можел да го продаде за можеби 200 евра.

Прилично обесхрабрен, престанува да тргува со криптовалути во период од околу две години.

Dogecoin станува спасител

За време на патувањето, добива порака од пријателот што прв пат му кажал за биткоин: „Провери ги парите! Провери ги парите!“. Таихуту проверува, и има што да види – Dogecoin достигнал 10 до 20 пати повисока цена од претходната.

Во пролетта 2017-та, вредноста на биткоин порасна на 3.000 долари, а заедно со нив се качи и цената на другите криптовалути. Насекаде се зборуваше за крипто-треската.

„Случувањата со Dogecoin направија уште еднаш да сфатам: Нешто се случува во светот“, вели Диди. Истовремено, за време на семејното патување, продолжил  да ги сретнува сите тие крипто-трејдери. Го сфатил како знак. Не може да е коинциденција, сметал, па се вратил во „играта“.

Продажба на куќата

По враќањето од одморот, Таихуту оди во агенција за недвижности и им соопштува дека сака да ја продаде куќата во Венло за 85 биткоини. Имотот бил купен дури по 8 месеци (за околу 300.000 евра). Веќе е резервиран на име на трговец со криптовалути, но останува отворено прашање колку од сумата ќе биде платена во биткоин.

Главна пречка се банките, чиј систем го отежнува плаќањето за куќа целосно во биткоин. Тука се и нотарите. Без нив куќата не може да смени сопственост.

Купувачот обично ја плаќа сумата во посебна сметка отворена од нотарот, кој потоа го пренесува договорот за продажба. Кога трансферот на имотот е регистриран во катастарот, сумата се префрла кај продавачот. Сепак, овие трансакции мораат да бидат извршени во евра, бидејќи нотарот нема дигитален „паричник“ т.е. сметка за да ги смести криптовалутите. А има и друг проблем: што ако цената на биткоинот падне во наредните неколку дена откако откупната сума веќе е на привремената сметка?

„Целиот систем не е дизајниран за тоа. Сакав да помогнам да почне тоа да се менува, но за жал, не се случи како што се надевав. Ние во Холандија сé уште не сме стигнати до точката кога имаме целосна доверба во blockchain. Нотарството ќе мора да делува по тоа прашање“.

Минималистички живот (до врвот или дното)

На семејството му требало извесно време да се навикне на новиот начин на живот. Од куќа со 200 квадрати и четири спални, и посебна соба за секоја од ќерките, сега живеат во дрвена барака, сите на куп.

Планираат вака да продолжат до 2020-та. Таихуту смета дека дотогаш биткоин и blockchain ќе станат незаменливи, и дека неговото богатство (од куќата и сите други продадени предмети во меѓувреме) ќе се зголеми за три до четири пати.

Во меѓувреме, семејството живее многу поскромно, со многу помалку нешта и удобности. Тоа, наводно, бил и одлучувачкиот фактор неговата сопруга да се согласи.

„Едукацијата е најдоброто нешто за децата. Ако ги растеш децата да бидат премногу материјалисти, тоа не е добро. Токму тоа го правиме (ги учат на обратното), да бидам искрен“.

А ако нештата отидат во погрешен правец?

„Тогаш ќе бидеме без пари во одреден момент. Но не мислам дека тоа е најлошото нешто што може да се случи во животот“, завршува Таихуту.

Извор: Business Insider

 

- Реклама -