Индиското село што се пресели во име на природата

Најголемата моќ на човекот веројатно е во тоа да ги припитомува дивите пространства и да ја моделира природата според своите потреби. Но, во време кога останатиот животински свет се бори да опстане, емпатијата и способноста да отстапиме во корист на природата, се најголемиот квалитет што може да се поседува.

До пред некоја година, селото Рамдеги во Индија важеше за развиена земјоделска и сточарска заедница. Денес, бројот на населението е – нула.

Како резултат на напорите да се намали конфликтот со дивиот свет и природата, индиската влада редовно ги охрабрува жителите населени околу природни резервати да се преселат во име на мирна коегзистенција со остатокот на живиот свет. Така во 2013-та, сите – до последниот жител на Рамдеги, го направија баш тоа. Околу 200 семејства ги прифатија стимулативните пакети на владата и се преселелија надвор од границите на резерватот за тигри, отстапувајќи му ја земјата на природниот биодиверзитет.

По само 4 недели откако се отсели и последниот жител, Рамдеги се наполни со стада бизони, елени, антилопи и диви свињи – пасејќи на некогашните житни полиња и животински фарми.

Предаторите, меѓу кои и тигри, кои дотогаш често доаѓаа до смртоносни конфликти со селаните – што воедно и ги доведе до статус на загрозен вид, денес слободно се движат низ селските улици.

Ова не е прв пат цело село да ѝ биде отстапено на природата. Низ Индија, речиси 100 заедници се веќе доброволно преселени надвор од резерватите, а се очекува уште десетици да го сторат истото.


- Реклама -