„Ќе блокираме сè што можеме да блокираме сè додека нашиот закон е блокиран со амандмани во матичната комисија каде што чека“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, во интервју за „Радио Слободна Европа“.
Тој тврди дека не е вистина дека со условувањето со Законот за државјанства се блокира и петтиот сет економски анти-ковид мерки за помош за граѓаните и стопанството, со кој се опфатени и граѓани што со месеци немаат земено плата.
Села вината ја префрла на Комисијата за финансирање и буџет, посочувајќи дека и да има 100.000 амандмани, дебатата во оваа комисија е ограничена на максимум три дена. Преостанатите амандмани што нема да дојдат на ред да бидат разгледани, се фрлаат, тврди тој, посочувајќи дека Владата можеби нема пари за ветените мерки, па затоа го користи инсистирањето на Алијанса за Албанците и Алтернатива за Законот за државјанство како алиби.
„Таму, исто како и во Комисијата за европски прашања, можеш да имаш и 100 илјади амандмани, дебатата во оваа комисија трае три дена. Кажете ми колку денови и недели се дебатира оваа работа дека ние сме го блокирале петтиот сет на економски мерки кој треба да им помогне на граѓаните? Цел месец се кажува оваа лага и невистина пред граѓаните“, вели Села.
Прашан не може ли проблемот со државјанства – кој не е од сега, туку постои со децении – да почека, со оглед на тоа што луѓе не зеле плата, лидерот на АА одговара:
„Ама јас за кои луѓе зборувам? Овие луѓе за кои јас зборувам, овие граѓани 30 години не земаат никаква плата, тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И овие се граѓани. И тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани“.
Целото интервју ТУКА.