„Седницата уште не е завршена. Сѐ додека не се обезбедат 61 пратеници, со деловник на Собранието – денеска е интерпелација на Влада – и до 12 часот, во секој момент може да продолжи седницата, кога ќе се створат услови. Јас се надевам дека ќе се створат услови“, изјави претседателот на Алијанса на Албанците – Зијадин Села, попладнево пред Собранието.
Тој оцени дека она што денеска се случува (со пратеникот Кастриот Реџепи од Беса) е доказ за она што тој го рекол кога денеска влегувал во Собранието – дека „денеска паѓа владата и најпосле граѓаните ќе се ослободат“. Тоа е главната цел, додаде Села, потенцирајќи дека најважно во моментот е безбедноста на пратеникот и неговото семејство.
„Во меѓувреме, дури и во моментов кога зборуваме, не знаеме каде е еден пратеник, кај се наоѓа. Тоа го кажувам од човечки аспект. Сите што имаат хуманост, пред да се политичари или пратеници и без разлика како ќе гласаат денеска, треба вистина да бидат загрижени за фактот што имаме само еден Фејсбук статус а немаме ни физичко присуство на господинот Кастриот Реџепи. Најважно во моментот е тој и неговата фамилија да бидат безбедни, а за тоа треба одговор да дадат институциите на државата“, рече Села.
Прашан дали смета дека Реџепи не е безбеден, лидерот на Алијанса подвлече дека ситуацијата остава многу простор за сомнежи.
„Јас претпоставувам, не можам да кажам дали е или не е безбеден. Ама самиот факт дека денеска се зборува цел ден за еден кој е пратеник пред сѐ, претставник на народот пред сѐ, и и во моментов уште немаме физичко присуство, или во Собрание или негде да дава изјава, мислам дека сите тие кои сѐ уште се сметаат себе си за хумани луѓе треба да се прашаат: ‘Чекајте, пред да зборуваме за нова власт, ново мнозинство и така натаму, дај да зборуваме дали е безбеден човекот’. Нели така е редот на настаните? Тоа е најважно. Пратениците, граѓаните да бидат безбедни. А сите тие кои аплаудираат на ваквиот развој на настаните, мислам дека ништо хумано кај нив нема“, рече Села.
„Не реков јас дека ќе се смени ситуацијата. Моите очекувања се дека треба пратениците да одлучат по своја волја, да не бидат уценети… ако има уцена, не можам јас со сигурност да го кажам ова“, додаде тој на новинарско прашање, потенцирајќи дека со тоа што имаме само Фејсбук статус, природно се јавува сомнеж околу целата ситуација.
„Да зборуваме како луѓе, како хумани суштества. Најважно во моментот е сите, па и господинот Реџепи, да биде безбеден. Тоа е најважно. Другите работи, мислам дека… Јас зборувам пред институцијата која треба да зрачи демократија, слобода на мисла, слобода на говор, слобода на одлучување, треба да значи слобода на секој еден поединец. Замислете што се случува со граѓаните кога во домот на демократијата и на слободата ни се случуваат вакви работи. Ова не треба да биде кауза само на Села или на 61 или на 60 пратеници, ова треба да биде кауза на сите граѓани на Република Северна Македонија: Граѓаните мора да бидат безбедни, другите работи се решаваат преку дијалог“, порача Села.