БРИСЕЛ – Парламентарките ширум Европа редовно трпат сексуално вознемирување, злоставување, дискриминација и насилство на работното место. Дури 85% од нив тврдат дека доживеале закани со силување и други облици на психичко насилство, стои во извештајот на Меѓупарламентарната Унија и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Една од 4 пратенички и 40% проценти од женскиот персонал во парламентите велат дека биле жртви на сексуално злоставување или напади извршени од нивните машки колеги.
Закани со силување на социјалните мрежи
Скоро половина од испитаните 123 пратенички велат дека примиле закани со смрт, силување или претепување, од кои најголемиот дел преку друштвените мрежи од анонимни граѓани, додека 7 од 10 пратенички се соочиле со сексистички коментари.
Според извештајот, парламентарците кои се борат против половата нееднаквост и насилството против жените исто така често биле издвоена мета за напади.
Од друга страна, истражувањето покажува дека парламентарките и женскиот персонал во 45-те земји каде што е спроведено, многу малку јавно говорат за тој проблем, за што голема причина е што многу од парламентите немаат механизми кои тоа би им го овозможиле.
Истражувањето е спроведено откако изминатава недела беше објавен извештај со обвинувања за сексуално и друг вид злоставување во британскиот парламент.
Непристојни предлози и допири
При истражувањето дојдено е и до сознанија дека женскиот персонал е мета на чести непристојни предлози и допири од одредени машки членови на парламентите.
Се работи за акти како „непристојно и предолго ставање рака на женска нога/колено, обиди за бакнежи, фаќање за раце или задници, или допирање на гради или задници“.
Во извештајот на поранешната врховна судијка Лаура Кокс, за одредени машки членови се тврди и дека се „сериски предатори“. Таа опишува дека се работи за „култура на хиерархија која се темели на послушност, подреденост, одобрување и молк, во која сексуалното злоставување и вознемирување ‘цветаат’ бидејќи долг низ години се толерираат и прикриваат“.
Жените се исмевани со вулгарни изрази
Жените често се соочуваат и со вулгарни изрази, често се исмевани, и често трпат непримерно однесување на групи машки колеги кои постојано ги испитуваат за нивниот сексуален живот, се наведува во извештајот.
Некои од сведоците опишуваат „грубо однесување на парламентарците кон младите жени“, и тврдат дека одредени жени се третирани како „лични слугинки, со прикриени закани дека ќе бидат отстранети од позицијата ако не ги задоволат нивните барања“.
Кокс не гледа надеж во новиот систем со кој се обидува да се реши непримерното однесување на парламентарците, бидејќи според неа се работи за култура која „активно се обидува да го прикрие насилното однесување“ и во која постои недостаток на заштита за поединците кои ќе пријават злоставување. Затоа, смета Кокс, потребна е „широка културна промена“.