Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) – Муамед Сејдини, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која официјално беше претставен новиот селектор на А-репрезентацијата – Благоја Милевски, изјави дека останува доследен и нема да го промени името на Федерацијата.
„Уште на почетокот кажав и во многу наврати повторував дека ниту јас сум го ставил името на Фудбалската федерација на Македонија, ниту јас можам да го сменам тоа име. Единствен орган кој може да го смени името на Фудбалската федерација на Македонија е Собранието на ФФМ. Така да, Муамед Сејдини и натаму ќе остане доследен и ќе ги почитува сите правила“, рече претседателот на федерацијата.
Што се однесува до новиот селектор, Сејдини истакна дека Милевски е човекот кој ја создаде генерацијата која ни донесе многу успеси и радости и дека во ФФМ се уверени дека тој има капацитет за уште поголеми успеси. Изразувајќи му поддршка и подарувајќи му дрес со бројот „2024“ (годината кога истекува договорот), Сејдини изрази надеж дека соработката ќе трае многу подолго.