Кинеските научници го докажаа првиот случај на повторна зараза со Ковид-19 во рок од само неколку месеци, што неизбежно ги отвора прашањата за долготрајноста на стекнатиот имунитет, вклучително и ако е стекнат по вештачки пат, односно преку вакцина.
Се работи за 33-годишен Кинез кој при првата битка со вирусот бил хоспитализиран, а успеал да се излечи и бил пуштен од болница во април. На почетокот на август, меѓутоа, кога се вратил од Шпанија, при скринингот на аеродром било детектирано дека повторно е позитивен на вирусот.
Според научниците од Универзитетот во Хонгконг, во вториов случај се работи за нишка на вирусот која јасно се разликува од првата од која пациентот боледувал во април, а тоа го утврдиле по пат на генетско секвенционирање.
Во вториов случај, исто така, човекот не развил никакви симптоми, што според научниците сугерира дека можеби „секоја следна зараза е поблага од првата“.
Самиот факт што пациентот во два наврати се заразил со вирусот, меѓутоа, може да е знак дека SARS-CoV-2 останува да „живее“ во луѓето, велат Kwok-Yung Yuen и неговите колеги во извештајот објавен во журналот за Клинички инфективни болести. Според нив, наодите потсетуваат на оние кај други коронавируси – како кај оние што ги предизвикуваат обичните настинки, што пак може да значи дека SARS-CoV-2, односно Ковид-19, може да продолжи да циркулира дури и ако пациентите стекнат имунитет, било по природен пат (преку зараза) или по вештачки (преку вакцинација).
Научниците, меѓутоа, сѐ уште не се сигурни во однос на причините зошто некои пациенти и по исчезнувањето на симптомите со недели и недели се позитивни на тестовите, и дали тоа е резултат на останати траги од вирусот, повторна „ерупција“ на инфекцијата, или пак сосема нова инфекција.
Конкретниот случај со 33-годишниот Кинез, меѓутоа, е првиот документиран случај во светот на пациент кој оздравел од Ковид-19, но имал втора епизода подоцна, тврдат научниците од Хонгконг.
Според епидемиологот Марија Ван Керхов – технички директор на СЗО за одговор кон пандемијата, најголем дел од ~24-те милиони потврдени заразени со Ковид-19 во светот, дури и оние со благи случаи, развиваат имунитетски одговор кон вирусот. Она што сѐ уште не се знае, истакна таа на денешната прес-конференција од седиштето на СЗО во Женева, е колку е силен и колку долго трае тој имун одговор на вирусот.
Важно е да се документираат случаи како овој во Хонгконг, но не треба да се „избрзува со заклучоци“, истакна таа, додавајќи дека се потребни повеќе студии што следат поголем број на случаи во подолг временски период, со цел подобро да се разбере квалитетот и времетраењето на неутрализирачките антитела што ги поседуваат пациентите што се излечиле од SARS-CoV-2.
„Пред овој извештај, многумина веруваа дека оздравените пациенти имаат имунитет кон повторна зараза, меѓутоа, постојат докази дека кај некои пациенти нивото на антитела ‘избледнува’ по само неколку месеци“, заклучуваат научниците од Хонгконг.