Седум загинати во Пакистан во бомбашки напад на тим за вакцинација против детска парализа

Седум лица загинаа во Пакистан во бомбашки напад врз здравствените работници кои вакцинираа против детска парализа.

Полицаецот кој беше тешко ранет во вчерашниот бомбашки напад во северозападен Пакистан почина денеска во болница, со што бројот на загинати во нападот, за кој одговорноста ја презедоа пакистанските талибанци, се искачи на седум.

Во соопштението на полицијата се наведува дека најмалку тројца полицајци останале во критична состојба по нападот во областа Мамунд, поранешно упориште на пакистанските талибанци во провинцијата Хајбер Пахтунхва, која граничи со Авганистан.

Одговорноста за нападот веднаш ја презедоа пакистанските талибанци. Меѓутоа, во друго тврдење доцна синоќа, групата Исламска држава ги обвини пакистанските талибанци дека лажно ја преземаат одговорноста за бомбашкиот напад.

Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот каде се уште владее епидемијата на полио.

Исламските милитанти често ги напаѓаат тимовите за вакцинација и полицијата задолжена да ги заштити, тврдејќи дека кампањите за вакцинација се заговор на Западот за стерилизирање на децата.

Вакцинацијата во Мамунд денеска е прекината.

МИА

- Реклама -