Седницата за разрешување на Јанева закажана за утре, ден пред да ѝ истече мандатот

Утре, во 13 часот – за тогаш е закажана пленарната седница на која единствена точка на дневен ред ќе биде разрешувањето на Катица Јанева од функцијата Специјален јавен обвинител. Закажувајќи ја седницата утре, собранискиот спикер Талат Џафери го исполни ветувањето дека нема да чека последен ден (15-ти септември) за да не се случи Јанева да биде разрешувана на истиот ден кога ѝ истекува мандатот.

На седницата се очекува пратениците да гласаат за разрешување на Јанева. За такво нешто ќе биде потребно двотретинско мнозинство и мнозинство по Бадинтер. Доколку биде изгласан, предлогот за разрешување ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, кој ќе го финализира разрешувањето.

Јанева од 21 август е во притвор, поради вмешаност во аферата „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Кичеец). Тоа не ја спречи да испрати писмо со која им даде овластување на обвинителите од СЈО да ги предадат предметите на Јавното обвинителство. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески денеска изјави дека предметите ќе бидат преземени до крајот на денот.

- Реклама -