Седница на Влада: Потврдена заложбата за линеарно зголемување на пензиите – првата исплата во септември, втората во март

Премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук напиша дека ветувањето од пред повеќе од една година станало реалност  

Зголемувањето на пензиите од 5 000 денари да се реализира во два наврати, односно првата исплата од 2 500 денари да биде во септември, а втората во истиот износ да следува во март наредната година.

Ова било одлучено на денешната прва седница на новата влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски по нејзиниот избор во Собранието минатиот викенд.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

„Владата расправаше за зголемување на пензиите од 5 000 денари, при што беше потврдена заложбата и беше одлучено ова зголемување да се реализира на двапати“,

се вели во соопштението од Владата.

Дека на денешната седница зголемувањето на пензиите ќе биде една од точките на дневен ред премиерот најави вчера, а денеска во објава на социјалните мрежи Мицкоски напиша дека ветувањето од пред повеќе од една година станало реалност.  

„После победата на изборите, новата влада веднаш пристапи кон исполнување на своите ветувања. На првата владина седница, која се одржа на 28 јуни 2024 година, најавувам линеарно зголемување на пензиите за 5 000 денари. Првата исплата од 2 500 денари ќе биде во септември, а втората од 2 500 денари ќе следува во март“,

напиша Мицкоски на Фејсбук.

Ова ветување, додава тој во објавата, го дал и на неговата последна средба со пензионерите во Велес, во време кога, како што вели, тие протестираа по улиците барајќи достоинствен третман.

Дополнително, Мицкоски најави дека денеска попладне ќе ги посети пензионерите од овој град.

Инаку, во вчерашното соопштение од владината прес-служба, во кое информираа дека зголемувањето на пензиите ќе биде точка на дневен ред, беше наведено дека премиерот Мицкоски вчера заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани ја финализирале конструкцијата на овој проект.

Со него, како што соопштија вчера од Владата, повеќе од 300 илјади македонски пензионери ќе добијат повисоки пензии.

Завчера, во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека во моментов во Буџетот нема пари за покачување на пензиите, но со ребалансот на кој, како што рече, работат со министерката за финансии, а кој треба да биде во средината на јули, ќе се обезбедат пари за линеарно покачување на пензиите.

Линеарното покачување на пензиите беше едно од главните ветувања во изборната програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -