Се зголемува повратот на ДДВ преку „МојДДВ“ за домашни производи, се намалува повратот на ДДВ за странски производи

„Купувам домашно“ и „Дома си е дома“ не се само кампањи за промовирање на домашните платежни картички и туристичките ваучери за граѓаните, туку и кампањи за подигнување на свеста дека кога ќе дојдеме до рафтовите во продавниците, предност треба да имаат домашните производи, а кога бираме локација за одмор, предност треба да имаат прекрасните туристички места во нашата земја, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција, потенцирајќи дека овој апел се однесува не само на корисниците на платежните картички и ваучерите, туку на сите граѓани.

Токму со цел граѓаните да им дадат приоритет на домашните производи, рече Ангеловска, на вчерашната владина седница Владата донесена е уредба со која се внесува промена во повратот на ДДВ преку скенирањето фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“. Имено, наместо досегашните 15%, отсега повратот на платениот ДДВ се зголемува на 20% за домашни производи, а се намалува на 10% за странски производи.

Ангеловска информираше и дека со посебна одредба ќе им се овозможи на оние што се откажале од повратот на ДДВ и решиле да го донираат – а во меѓувреме се премислиле, или по грешка избрале да го донираат, повторно да побараат да им бидат исплатени средствата од поврат на ДДВ:

„Кога беше пуштена оваа функција, до УЈП се пристигнати одредени барања од лица коишто притиснале дека се согласуваат и дека сакаат да го донираат повратот, но потоа се премислиле. Со оваа одредба во Уредбата, по барање на УЈП, им се овозможува на оние коишто испратиле меил пораки дека не сакаат да го донираат повратот на ДДВ – да можат да потврдат во апликацијата. Значи ќе биде воведена таа функционалност за да самите си кликнат дека се премислуваат и се откажуваат од донираниот ДДВ и дека сакаат сепак да им се врати на сметките. Повратот ќе се оствари заклучно до 30 јули“, објасни Ангеловска.

- Реклама -