Со новиот Закон за даноци за моторни возила, граѓаните што ќе увезат постар автомобил со пониски еколошки стандарди, ќе плаќаат повисок данок. Се очекува Собранието да го изгласа до крајот на годинава, а ќе почне да важи веќе од 1 јануари 2020-та.
Со законот, Владата се води од еколошките параметри, како што е и логично и неопходно, објасни премиерот Зоран Заев, а воедно и се пpeминува на едно повисоко ниво на еколошка заштита во полето на увозот и купопродажбата на моторни возила. Ако досега граѓаните плаќале 18%, сега ќе плаќаат даноци до 20%. Зголемувањето не е големо, но оди во насока на демотивација за купувањето на возила што не ги задоволуваат еколошките стандарди, односно ќе стимулира купување и увезување на возила со задоволителни еколошки стандарди, објасни премиерот.
За електричните и хибридните возила ќе се оди со најниското ниво на даноци, најави Заев.
Порано неделава, инаку, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за финансии Нина Ангеловска соопштија дека нема да се реализира најавуваната мерка за субвенции за замена на старите автомобили со понови со повисок еколошки стандард.