По скандалот со говорот на омраза на припадничката на АРМ – Татјана Лазаровска, ни крива ни должна, близу центарот на збиднувањата се најде и пејачката Татјана Лазаревска.
Претходно и припадничката на АРМ се пожали дека ѝ стигнувале закани, но исто така рече и дека Фејсбук профилот ѝ е исклучен. По сплет на сосема случајни околности, изгледа заканите си го нашле патот до инбоксот на Татјана Лазаревска. Пејачката се обрати преку Фејсбук:
„Морам јавно да ви се обратам и да кажам дека лицето Татјана Лазаровска во наведениот текст апсолутно не сум јас, за оние кои погрешно разбрале. Јас сум само естраден уметник кој не ја дели својата публика и кој не го интересира политика воопшто. Заради совпаѓање со името и недоволно разбирање на текстот, почнав да добивам и заканувачки пораки, кои многу ме вознемирија. Јас сум секогаш против јавен говор на омраза. Ширете љубов, а не омраза. Ви благодарам“, порача Лазаревска.
Како што потсетува „Репортер“, Татјана Лазаревска заедно со својот сопруг – пејачот Новица Василевски, последниве години живее и работи во Австралија. Од една страна тоа е олеснителна околност во случајов, со оглед дека е далеку од заканувачите. Од друга страна, постои ризик работата да се прелее преку друштвените мрежи, па таму да се јават нови заканувачи, со оглед дека Австралија е близу до местото на случување, а напаѓачот што го изврши масакрот во двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, е од Австралија. Останува само да се надеваме дека заканувачите меѓу корисниците на друштвените мрежи ќе одвојат секунда и ќе прочитаат дека еднава е пејачка, а другата припадничка на АРМ, со оглед дека очигледно немаат намера да престанат, иако во ниту еден случај заканите не се оправдани.