Се собираат снимки од видео-надзор на објекти и се разговара со лица по експлозијата во Ќерамидница

Повредниот во експолозијата, како што објавија повеќето медиуми, е Раде Трајковски-Штекли, кој лани во период од два месеци беше цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт“

По наредба на јавен обвинител се собираат снимки од видео-надзор на објекти и се вршат разговори со лица во врска со експлозивната направа која денеска беше фрлена во двор од куќа во населбата Ќерамидница, а од чија детонација е повредено едно лице.  

Зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија / Фото: „360 степени“ (Архива)

Подигнатите траги од местото, како што соопштина попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ќе бидат дадени на натамошно вештачење.  

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Ќерамидница, каде утрово при експлозија на направа во двор на куќа беше повредено едно лице. 

Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти. Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење“,

се вели во кусото соопштение од Обвинителството.  

Повредниот во експолозијата, како што објавија повеќето медиуми, е Раде Трајковски-Штекли, кој во период од два месеци лани беше цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт“.  

За експлозијата во Ќерамидница претходно денеска информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде рекоа дека таа се случила во 9:20 часот и дека има едно повредено лице без да ги откријат неговите иницијали. 

Небојша Настов, директор на Универзитетската клиника за хируршки болести каде е хиспитализиран повредениот, во изјава за „360 степени“ кажа дека лицето  е надвор од животна опасност. Кај него се констатирани изгореници и се вршат дополнителни испитувања.  

Одговарајќи на новинарски прашања во врска настанот, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски најави дека МВР ќе одговори со јасна и одлучна борба со криминалот и организираниот криминал.  

„Лошо е тоа што криминалните банди си ‘хараат’ и го нарушуваат мирот на македонските граѓани, но МВР ќе одговори одлучно и сурово. Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“, 

рече Тошковски, додавајќи оти добро во случајот е што никој не е животно загрозен.  

Министерот одговарајќи на новинарско прашање во кое беше беше спомнато името на Раде Трајковски-Штекли не негираше дека станува збор за ова лице. 

Прашан дали полицијата можела да им влезе во траг на напаѓачите, со оглед на тоа што денешниот напад со видео и со анимација бил најавен на социјалната мрежа Тик-ток, Тошковски рече дека во одговорот ќе биде целосно искрен, велејќи дека МВР не може да направи чуда, но дека ќе постапи во рамките на капацитетите што ги има. 

Дворното место во скопска Ќерамидница каде што утринава била фрлена експлозивна направа / Фото: „360 степени“

По експлозијата екипа на „360 степени“ беше во Ќерамидница каде што низ тесните улици во населбата затекна големо полициско присуство, а движењето во околината беше ограничено додека траеше увидот. 

Минувачите и жителите од околните куќи не сакаа да коментираат во врска со експлозијата. 

- Реклама -