Сé си пазариш, а ништо не носиш

Во метрото во Сеул ќе наидете на една на прв поглед чудна ситуација – на самата станица има полици со производи ала оние во маркетите. Но всушност, кога ќе се доближите, ќе сфатите дека се тоа „само“ дигитални екрани.

Дигитални екрани преку кои можете да пазарите исто како да сте во маркет, само што немате корпа за полнење и не ги носите продуктите дома во раце. Сé се одвива преку смартфон: инсталирате бесплатна апликација и со неа го скенирате QR кодот на производот за да го нарачате во потребната количина. Откако тоа ќе го направите, маркетот ги доставува реалните продукти директно до вашиот дом веднаш штом ќе се вратите, а вие во меѓувреме си бркате други работи.

Но тоа не е сé (топ-шоп речено). Апликацијата исто така овозможува да порачате конкретен продукт од било која локација. Да речеме сте купиле сок и го пиете во парк. Сакате и дома да ве чека еден ист таков. Повторно, го скенирате кодот директно од производот, го нарачувате, и продолжувате да ги раните гулабите или што и да ви омилената активност кога сте сами со сок во парк.

Како е родена идејава? Благодарение на британскиот ланец маркети Tesco. Очекувано, Tesco има свои филијали и во Јужна Кореја, и не само тоа, туку е втор најголем маркет во земјата, зад E-Mart. Но Tesco сака да стане да стане број 1. А Јужна Кореја е карактеристичен пазар. Јужнокорејците се втората најработлива нација во светот, што значи дека имаат минимум нерви и време за пазарење, макар и да е еднаш неделно. Згора на тоа, ги има премногу, а гужвата во маркет секогаш е загарантирана.

Па така, Tesco се запрашале: како да станат број 1, а без да го зголемуваат бројот на физички маркети? Одговорот веќе го знаете – со преобразба во виртуелна продавница која нема да им задава главоболки на изморените луѓе и ќе им стане дел од секојдневието.

Видеово сé ќе ви објасни, а ќе ви открие и каде лежи главниот зајак: „Ние можеме да го претвориме времето поминато во чекање, во време поминато во пазарење“. Не дека тоа би нé одвратило од користење на нивните услуги, под услов цените да се горе-доле истите.

- Реклама -