СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО, ИЗБОРИ НА 12 АПРИЛ

Со 108 гласови „за“, попладнево Собранието се распушти заради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Пред распуштање на Парламентот, власта успеа да обезбеди двотретинско мнозинство и со 80 гласови „за“ беше донесен Законот за јавно обвинителство, како и Законот за одбрана.

Во овој собраниски состав беа донесени уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија согласно Договорот од Преспа. Како резултат на Преспанскиот договор со кој се реши тридеценискиот спор за името со Грција, Северна Македонија стана 30 членка на НАТО, а ратификацијата на Протоколот за членство во Алијансата беше изгласан едногласно од сите пратенички групи на овој пратенички состав на 11 февруари.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека за неговото раководење со Собранието најдобро говори извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

„Во ова одело дојдов на седницата кога бев изгласан за претседател, во истото сум и сега кога се распушта Собранието. Многумина велеа попрво оделото ќе ви фати прашина отколку што ќе бидете претседател на Парламентот. Се покажа дека не фати прашина. Ако сум направил некоја грешка таа била ненамерна и се извинувам“, рече Џафери.

Координаторот на СДСМ Јован Митревски рече дека е горд на она што ова Собрание го сработило изминативе 3 години бидејќи со тоа ја осигурале иднината на земјава и идните генерации.

„Од изолирана земја станавме членка на НАТО, на чекор до добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија. Но, на тој процес му претходеа тешки одлуки кои ние успеавме да ги донесеме“, рече Митревски.

- Реклама -