Последна на листата е Камбоџа, која со забраната и официјално ја прекина продажбата на песок на Сингапур, кој со години ги користеше нивните резерви за да ја зголеми својата (копнена) територија.
Еколошките друштва велат дека ископувањето и изнесувањето/извозот на песок водат до сериозни оштетувања на екосистемот на брегот на Камбоџа. Привремена забрана за копање на песок во Камбоџа имаше уште од крајот на ланската година, но еколошките организации тврдат дека ископувањето продолжило и покрај мораториумот.
Според податоците на Обединетите нации, од 2007-ма година наваму Сингапур има набавено над 72 милиони тони песок од Камбоџа. Официјалната статистика на владата на Камбоџа се коси со овие податоци – тврди дека се работи за само 16 милиони тони.
Сингапур, пак, од 1965 година (годината на независноста на земјата) наваму, ја има зголемено својата територија за над 20%. Тоа е постигнато преку „зајакнување“ на брегот, со песок како главна суровина, главно вршено од приватни компании. Проширувањето на брегот е нужност која се наметнува поради растечката популацијата на оваа азиска земја. Сепак, Сингапур како да го очекуваше овој потег на Камбоџа; податоците велат дека во последниве години се прават експерименти со нови технологии кои бараат помалку песок.
Портпаролот на Министерството за рударство и енергија на Камбоџа – Менг Сактера, посочи дека забраната за извоз има за цел заштита на животната средина. Според него, ризиците и опасностите се премногу големи и сериозни, и неопходен е конечен прекин на продажбата на песок.
Камбоџа не е единствена. Во последниве години и други земји воведоа слични забрани за извоз на песок. Малезија тоа го направи уште во 1997 година, додека Индонезија во 2007 година.
Екоактивистите се задоволни и се надеваат дека трговијата со песок конечно ќе запре, бидејќи најголемата цена ја плаќа токму природата. Од друга страна, песокот одамна е драгоцен ресурс и е вториот најкористен по свежата вода, а во (не толку далечна) иднина се очекува да стане уште поважен, пред сé поради стремежите на многу земји да ја зголемуваат својата територија преку градење на вештачки острови – стремежи кои во моментов сé само во зачеток. Сите показатели (заедно со превидите во регулацијата на Обединетите нации, опишани во последниот линк два реда погоре) сугерираат дека самата изградба на вештачките острови може да предизвика сериозни политички и безбедносни тензии. Забраните за извоз на песок, пак, можат да се покажат како еден од клучните фактори што дополнително ќе ги замрсат работите. Една од последиците може да е појава на земји со став „никој не ни продава песок, ќе мораме да освојуваме“. Или, тензии можат да настанат и ако една земја продава песок селективно, на одредени земји, но не и на нивните ривали.