По подолг молк откако првпат хуманитарната организација на Бојан Јовановски беше спомената во корелација со случајот „Рекет“, конечно се огласија и од Меѓународниот сојуз. Преку соопштение до медиумите, организацијата се оградува од, како што велат, „неоснованите и тенденциозини шпекулации кои секојдневно се пласираат во медиумите и на социјалните мрежи“.
Оттаму велат дека паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на Меѓународниот сојуз и за исполнување на договорите склучени со партнерите.
Оттаму истакнуваат и дека досега ниту еден член или лице поврзано на било кој начин со организацијата, вклучително и пензионерката од Скопје – Лилјана Тодоровска, не е повикано од органите на прогонот, што, според нив, е доказ дека организацијата работи според законите.
Во продолжение го пренесуваме целото соопштение, а претходно чисто да потсетиме дека споменатата Тодоровска тврди дека парите ѝ биле украдени од претставници на Меѓународниот сојуз и најави дека кражбата ќе ја пријави во полиција или во Обвинителството:
„Во врска со неоснованите и тенденциозини шпекулации кои секојдневно се пласираат во медиумите и на социјалните мрежи, Меѓународен сојуз го дава следното соопштение за јавност:
Меѓународен сојуз е основан во Јуни 2017г во согласност со важечките позитивно правни прописи во РСМ, за мисијата, целите и идеата заинтересираните страни можат да се информираат на официјалната веб страна на организацијата.
Во интерес на остварвање на целите, М.С. стапи во соработка и склучени се договори со две реномирани домашни друштва. На тој начин за прв пат во РСМ е создадено приватно-невладино партнерство. Паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на М.С. и исполнување на договорите склучени со партнерите. Потенцираме дека хонорарот пристигнат на сметка на Л.Т., еден од координаторите и идеен творец на проектот веќе беше предмет на истрага од страна на Финансова полиција и ОЈО, по што се утврди дека трансакцијата е во рамките на позитивните законски прописи на РСМ и истрагата е сопрена.
Времнското одлагање и доцнење на остварувањето на целите на М.С. е исклучиво од објективни причини а никако по вина на М.С. и координаторите на проектите. До денот на издавање на ова соопштение ниту еден член на М.С. или лице поврзано на било кој начин со М.С. не е повикано од органите на прогонот на РСМ а заради наводно незаконито работење.
М.С. продолжува со активностите. Координаторите и ангажираните лица секојдневно ревносно ги исполнуваат своите обврски за целосно остварување на целите кои се поставени од М.С. и исполнување на обврските преземени со договорите, кои се сеуште во важност.
Потпретседател на Меѓународен Сојуз, Јасна Ерцеговиќ“, се вели во соопштението.