Се огласи Вице Заев во врска со снимките за “Рекет”

Вице Заев, брат на поранешниот премиер, а актуелен лидер на СДСМ Зоран Заев, денеска преку соопштение до јавноста демантира каква било негова или на член од неговото семејство поврзаност со случајот „Рекет“.

„Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на каков било начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува“, пишува Вице Заев.

Тој ги повикува сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио материјали односно се што имале, а тврдењата на опозицијата ги нарекува лажни вести.

Неделава на рочиштето за „Рекет“ обвинителството презентираше снимки од посебни истражни мерки, за кои дел од медиумите јавија дека на една од нив се гледал Вице Заев, осудениот во „Рекет“ Зоран Милевски и адвокат близок на семејството Заеви.

„Од сега па натаму „Рекет“ не е изолиран случај или системски пропуст како што сакаше власта да го објасни. Туку тој станува државен рекет каде што премиерот и неговиот брат се вмешани“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Инаку во случајот „Рекет“ обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

- Реклама -