Се одложи почетокот на судењето за ваучерите на АМС – Каевски не дојде поради операција, а Димевски поднел кривична против обвинителката

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет Димевски, денеска информираше дека поднел кривична пријава против обвинителката во случајот Лидија Раичевиќ поради, како што кажа, спинување на целиот овој процес, во кој, според него, наместо да се гони вистинскиот криминал, се зборува за несовесно постапување на члнеови на комисија коишто наводно не направиле надзор

Обвинителката Раичевиќ, од своја страна, во изјава за медиумите по рочиштето, кажа дека не знае за кривична пријава и дека со дигнитет го отфрла таквиот напад од страна на обвинетиот

Судскиот процес за злоупотреби со распределбата на т.н. спортски ваучери на Агенцијата за млади и спорт (АМС), чија прва главна расправа требаше да се одржи денеска, е одложен за 9 јули. Причина за одлагањето беше отсуството во судницата на поранешниот директор на Агенцијата, Дарко Каевски, кој е првообвинет во случајот.

Момент од денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје / Фото: МИА

Каевски, како што информираше неговиот адвокат Петре Шилегов на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, е на домашно лекување по хируршки зафат на тетива.

За одлагањето на судењето преку писмено соопштение на својата веб-страница информираа и од скопскиот Основен кривичен суд.

„Денешната прва главна расправа за предметот со К.бр. 884/24 поврзана со Агенцијата за млади и спорт и Македонски олимписки комитет, беше одложена заради отсуство на првообвинетиот Д.К. за кој е добиено известување, со прилог медицинска документација дека истиот е спречен да присуствува на расправата заради здравствени причини. Расправата ќе продолжи на 09.07.2024 година во 10:00 часот за што странките во постапката се веќе известени“,

се наведува во соопштението на Судот.

Во предметот, покрај ексдиректорот на АМС и поранешен пратеник од редовите на СДСМ Каевски, обвинети се уште 11 лица, односно неговиот наследник на функцијата во Агенцијата, Наумче Мојсовски, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, како и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Судскиот процес го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.

Обвинителниот предлог, како што соопштија од републичкото Јавно обвинителство на 30 април, против дванаесетмината обвинети беше поднесен по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Антикорупциска иницијативата до Јавното обвинителство ја поднесе на почетокот на февруари минатата година поради сомневања дека директорот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, со искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Каевски, Мојсовски и Димевски веднаш по поднесувањето на обвинителниот предлог ги отфрлија наводите во него, оценувајќи ги како тенденциозни и најавија дека во транспаретна и фер судска постапка ќе ги докажат своите тврдења и невиност.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Димиевски денеска информираше дека поднел кривична пријава против обвинителката во случајот Лидија Раичевиќ поради, како што кажа, спинување на целиот овој процес, во кој, според него, наместо да се гони вистинскиот криминал, се зборува за несовесно постапување на члнеови на комисија коишто наводно не направиле надзор.

„Значи Централната комисија, на која јас бев нејзниот прв претседател ниту е надзорен орган, ниту смее да биде, ниту има овласувања. Меѓутоа обвинителката свесно, во друштво на овие тројца други направи параван, магла да наместо се гони тоа што треба да се гони, се гони нешто сосема друго, со единствена цел да се сокрие вистинскиот криминал бидејќи има пријавено конкретни лица коишто тоа го направиле и да се створи фама дека нешто се работи. Сметам дека заврши времето на недопирливи во оваа држава, вкучително и обвинителите. Имаме еден јавен обвинител којшто служи затворска казна. Мислам дека е време системот сериозно да се позанимава и во своите редови да не дозволи вакви несериозни обвинители, авантуристички и водени од ниски лични побуди да прават штета во сите сегметни на општеството, вклучително и во спортот. Затоа сум јас тука, не зборувам само во мое лично име, зборувам во име на многу спортисти и многу субјекти коишто се засегнати и ќе инсистирам до крај да се истера оваа работа на чистина. Со големо задоволство учествувам во овој процес“,

изјави Димевски по завршувањето на денешното рочиште.

Претседателот на македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски које е еден од обвинетите во постпаката / Фото: Принтскрин од видеоприлог на ТВ Телма

Обвинителката Раичевиќ, од своја страна, во изјава за медиумите по рочиштето, кажа дека не знае за кривична пријава и дека со дигнитет го отфрла таквиот напад од страна на обвинетиот.

„Јас сум обвинител во име на државата, јас сум обвинител во име на институцијата, замислете што ќе се случи ако сите обвинети ги обвинуваат им поднесуваат кривични пријави на обвинителите. Секој којшто е чесен, којшто е доблесен, којшто има одговорност, интелектуален капацитет треба да сочека дека доколку има докази дека е сторено кривично дело судот тоа ќе го каже, а мојот начин на работење и мојата исправност дали е по закон, ја следи и јавноста, институцијата, јас не обвинувам сама зад мене стои институцијата Јавно обвинителство. Така што таков фронтален напад од страна на обвинети јас со дигнитет го отрфлам и сметам дека треба да се преземат мерки вакви настапи да нема во иднина затоа што ќе дојдете во ситуација да нема обвинители коиишто ќе поднесуваат смели и храбри обвиненија затоа што некој го прекршил законот“,

изјави Раичевиќ.

Обвинителката Лидија Раичевиќ која го застапува предметот / Фото: Принтскрин од видеоприлог на ТВ Телма

Таа претходно одговарајќи на новинарски прашања, рече дека обвинението се однесува на кривичните дела злоупотрена на службената положба и овластување и несовесно работење.

Во однос на висината на штетата што ја предизвикале, Раичевиќ рече дека според обвинението таа изнесува над пет милиони евра.

„Над пет милиони евра е штетата што е во обвинението. Се разбира тој износ вештото лице што ќе биде сослушано ќе го потврди во своето искажување, можеби ќе го коригира, ако за тоа навистина има други докази, но моменталната состојба до степен на тврдење за стореното кривично дело е над пет милиони евра“,

изјави Раичевиќ.

- Реклама -