Се одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан вчера имаше аудиенција кај папата Франциск, а денеска ќе се поклони пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим. Молебенот на гробот, односно кратката богослужба за оддавање благодарност, ќе ја водат митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен

Со повеќе настани, денеска во земјава се одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј – основоположниците на словенската писменост.

Споменикот на Свети Кирил и Методиј во центарот на Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, државно-црковна делегација од земјава предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и Ватикан. Претседателката вчера имаше аудиенција кај папата Франциск, а денеска ќе се поклони пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим. Молебенот на гробот, односно кратката богослужба за оддавање благодарност, ќе ја водат митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен.

Во пресрет на 24 Мај, владина делегација во состав од министерката за животна средина Каја Шукова и дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Владина делегација вчера положи цвеќе пред споменикот на Св. Кирил и Методиј пред платото на УКИМ / Фото: Влада

По повод Денот на сесловенските просветители, на Православниот-богословски факултет „Свети Климент Охридски“ беа одржани првите Кирилометодиеви научни средби во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет со цел одбележување на патрониот празник на УКИМ како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции. 

Со низа манифестации и настани, 24 Мај се одбележува и во Охрид. Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Во „Св. Софија“ ќе биде прикажан документарниот филм „Кирилицата-Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.

Согласно со Законот за празниците во земјава, 24 Мај е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

- Реклама -