Се одбележува 23-годишнината од загинувањето на резервистите кај Карпалак

Освен кај месноста Карпалак, 23-годишнината од загинувањето на војниците ќе се одбележи и пред споменикот подигнат во нивна чест во центарот на Прилеп

Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и делегација од Собранието денеска ќе положат цвеќе на спомен-плочата на бранителите кај местото „Карпалак“ на автопатот Скопје-Тетово, каде што десетте резервисти од Прилеп го загубија животот во напад од заседа на 8 август 2001 година.

Освен кај месноста Карпалак, 23-годишнината од смртта на резервистите ќе се одбележи и пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп. Таму ќе присуствува делегација на Собранието, во состав: Билјана Кузмановска, Миле Талевски и Павле Арсоски.

Одбележувањето во Прилеп започна уште вчера во прилепската касарна „Мирче Ацев“. Комдандантот на касарната, потполковник Славчо Кузмановски рече дека се поклонуваат пред паметникот кој е подигнат во чест на десетте загинати војници, со ветување дека никогаш нема да бидат заобравени. Дополнително, рече дека иако тагата и болката остануваат и 23 години од нивната смрт, останува и длабоко втемелената гордост што тие биле дел од единицата на касарната.

„Останува обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот на 10-те загинати прилепски и македонски херои да го чуваме, да се сеќаваме на 2001 година и никогаш да не дозволиме да се повтори“,

рече потполковникот Славчо Кузманоски.

Фото: МИА

Вчера во прилепското село Лениште, во манастирот „Света Петка“ се одржа и богослужба во спомен на загинатите.

На 8 август 2001 година во заседа поставена кај месноста Карпалак на автопатот Скопје–Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.

- Реклама -