Се јави и нов рекордер: Зико постигнал 89 гола во 1979 година?!

Веднаш по постигнувањето на 86. гол на Лео Меси и уривањето на рекордот на Герд Милер, се појавија и нови „рекордери“ кои што тврдеа дека постигнале повеќе погодоци и од аргентинскиот генијалец и од германската „машина за голови“. Најпрвин се говореше за Малезиецот Абдула Гани Минхата, потоа и за Годфри Читалу од Замбија, а најновиот „рекордер“ што беше пријавен од страна на челниците на Фламенго е легендарниот бразилски репрезентативец Зико. Имено, од таборот на бразилскиот клуб тврдат дека Зико во 1979 година постигнал дури 89 погодоци, еден повеќе од моменталното остварување на Лео Меси за оваа календарска година.

„Можеби навивачите на Барселона слават, но Меси се уште не е апсолутен рекордер. Зико постигна 89 погодоци во 1979 година и ние имаме докази за овие тврдења“ – изјави Бруно Лусена, задолжен за статистика и истражување во Фламенго.

Според бразилскиот клуб, Зико во таа година постигнал 81 гол за Фламенго, седум во дресот на „кариоките“, а еднаш се запишал во листата на стрелци на дуелот во кој што настапуваше за „тимот на светот“ против Аргентина.

- Реклама -