Сé додека некој патник не се струполи, ќе си трпиме температурни шокови во автобусите

„Здравје за целото семејство“… Колку иронично звучи таква реклама (сеедно што нема врска со ЈСП) зимно време на градските автобуси.

Ви се причинило ли некогаш дека кабината на автобусите е друга димензија и возачите абер немаат колкава е температурата во остатокот од автобусот (т.е. во димензијата во која се наоѓаат патниците), па затоа се игра на наједноставната варијанта: во зима пушти греење на најјако, а во лето климата на најладно? Не тврдиме дека баш така прават возачите, но дефинитивно така им изгледа на патниците, секој ден, цело лето и зима, секогаш кога надворешните температури ќе застранат од идеалното и ќе натежнат кон горештини или студ. Со други зборови, не сте сами.

Патниците се жалат дека додека надвор чекаат на ниски температури, во двокатните автобуси ги чекаат температури повисоки и за 30 степени од надворешната, што е уште поизразено на вториот кат на автобусите. Патниците се препотуваат, мораат да ги соблекуваат јакните и палтата и да отворат прозори за да земат воздух, а на секое симнување на станица ги демне настинка. Во лето е истата ситуација, но обратно – надвор е пекол, луѓето лесно облечени, а во автобусите мразарник.

„Мојот проблем е поврзан со клима-уредите во автобусите. Возачите претеруваат со температурните разлики во автобусите. Лете сите патници се облечени како за плус 40 степени, а во автобусите затекнуваме температури кои се претерано ниски. Тоа не е добро за човечкиот организам, затоа што ние сме запотени, а ладниот воздух во автобусите не здрвува. Истото важи и зиме. Сите патници се облечени како за 5 степени, а во автобусите температурата е премногу висока. Ќе се препотиме, ќе излеземе надвор, ќе не здрви ладното, па ќе настинеме. Има луѓе со здравствени проблеми кои се качуваат во градски автобус, не може возачите да приредуваат толкави температурни шокови. Таквото користење на климите и уредите за греење ќе потрае се додека некој постар човек не падне на влезот на автобусот како резултат на температурната разлика“, вели еден патник, пренесува порталот Скопјеинфо.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Во старите автобуси, пак, сосема друга песна.

„Кога ќе влезам во нив, ми се чини дека е поладно од надвор. Ќе седнам некаде, ќе се стуткам со капутот, но џабе, дува од сите страни. Од врати, прозорци, човек не може ни да забележи од каде дува. Единствено е топло кога е гужва, вели паничка“, која секојдневно се вози со ЈСП.

Иако поретко, овој проблем се појавува и кај приватните автобуси. Нивните патници велат дека се случува возачот за да заштеди на гориво не го пушта греењето.

- Реклама -