За само една година, трошоците за живот се зголемиле за 3,5%, додека пак платите се намалиле за 1 000 денари, обвинуваат од опозициската СДСМ
Владините мерки за замрзнување на маржите во октомври не даде никаков ефект бидејќи цените на мало за овој месец се намалиле за само 0.1%, вели пратеничката од редовите на СДСМ, Јованка Тренчевска. Таа вели дека мерката на Владата била задоцнета и недобро осмислена, неефикасна и погрешна оти освен трговците кои имале бенефит од мерката, граѓаните во ниту еден сегмент не почувстввале дека постои некаква мерка за намалување на цените или пак некаква есенска кошничка.
„Синдикалната кошничка пак е намалена за само 57 денари. Состојбата на терен, во маркетите којашто граѓаните ја гледаат секој ден е најголем доказ за тоа. Белиот леб и натаму се продава по 33 денари. Тестенините намалени за 1 денар а цената на зејтинот од 78 се зголеми на 87 денари. Истото е и со млекото и млечните производи. Споредбено октомври во 2023 со октомври во 2024 година, трошоците за живот се зголемиле за 3,5% додека платите се намалија за 1 000 денари“,
рече Тренчевска.
Дополнително, вели таа, наместо да се откаже од ваквите погрешни мерки, премиерот Мицкоски најавува новогодишна кошничка чиј ефект според Тренчевска ќе биде незначаен, оти цените повторно ќе се намалат само за 0.1% што пак претставува крајно навредувачки и потценувачки чин за граѓаните.
„Предлог Законот предложен од СДСМ за укинување на ДДВ на храната е вистинско и одржливо решение кое власта требаше да го прифати а не го игнорира. Со укинување на ДДВ на храната на основните производи ќе поевтинат веднаш 250 категории производи. Реална заштеда кај граѓаните и до 2 000 денари што значи повеќе пари во нивните џебови. Дополнително, воопшто нема да биде товар за компаниите и трговците не може да ја изиграат“,
изјави пратеничката.
Тренчевска кажа и дека граѓаните не треба да бидат жртви на политичкото его на Мицкоски и оти игнорирањето на Владата на предлогот на СДСМ претставува игнорирање и на потребите на граѓаните и нивниот животен стандард.