СДСМ утре избира нов лидер на партијата, право на глас имаат 23 илјади членови

Славјанка Петровска, една од четирите кандидати за лидер на СДСМ, вчера на прес-конференција побара откажување на внатрепартиското гласање за избор на нов партиски претседател поради нефер изборен процес. Како причина за откажување на изборниот процес, таа го посочи и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани и, како што рече, некој ги регистрирал без нивна согласност користејќи ги алатките

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) утре на внатрепартиски избори ќе избира лидер на партијата. Гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот, а право на глас имаат околу 23 илјади членови на партијата.

Во трката за лидер на СДСМ се ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

Славјанка Петровска, една од четирите кандидати за лидер на СДСМ, вчера на прес-конференција побара откажување на внатрепартиското гласање за избор на нов партиски претседател поради нефер изборен процес.

Како причина за откажување на изборниот процес, таа го посочи и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани и, како што рече, некој ги регистрирал без нивна согласност користејќи ги алатките.

„Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат. Тоа може сериозно да влијае и на процесот и на резултатот“,

рече таа.

Претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, пак, вчера рече дека процесот за избор во партијата е легитимен, демократски и спроведен во најдобар ред, а дека Централната изборна комисија согласно Статутот и одлуките на Извршниот и Централниот одбор, кои се највисоките органи, ќе ја продолжи постапката за изборниот процес.

„Никаде во Статутот, ниту во правилниците не е регулирано кој би бил основот за да прекине овој процес бидејќи тој е започнат во една демократска и легитимна постапка, меѓутоа кандидатите како ќе се произнесат во следниот период по нејзиното повикување не можам да кажам“,

вели Аврамовска-Мадиќ.

Деспотовски пред неколку дена обвини дека екслидерот на СДСМ Зоран Заев го турка со сила изборот на Филипче, на што Филипче возврати дека обидот за негова дискредитација само ја слабее СДСМ, како и дека членовите ќе одлучат кој ќе ја предводи партијата.

На Деспотовски ова не му е прва трка. Претходно загуби од Ковачевски на вонредните внатрепартиски избори.

- Реклама -