СДСМ со реакција на реакцијата: Владата сама објави дека го назначила Ељези за заменик на „Идризово“

„СДСМ зборува за факти, Владата сама соопшти дека го именувала Ељези, а под притисок го повлече. Фатени во сопствените лаги, прес-службата на Владата на Мицкоски се демантира самата себе“, велат од Социјалдемократскиот сојуз

За Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) несериозно и неодговорно е денешното соопштение на Владата во кое се тврди дека поранешен затвореник не бил назначен за в.д. директор на одделението Велес на КПД „Идризово“.

Од „Бихаќка“ попладнево испратија реакција на владината прес-служба која следеше откако советникот во Општина Битола, Методија Илиевски, од партиското седиште на СДСМ, упати критики до премиерот Христијан Мицкоски дека луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави, ги ставаат за в.д. директори на затвори.

Советникот Илиевски утрово го спомена името на Ибрахим Ељези, за кој рече дека лежел четири години затвор, а сега е именуван за в.д. заменик-директор на затворот „Идризово“, одделение Велес, по што следуваше негирање од владината прес-служба.

Преписката продолжи со нова реакција од СДСМ преку соопштение во кое се вели дека Владата се демантира самата себе.

„СДСМ зборува за факти, Владата сама соопшти дека го именувала Ељези, а под притисок го повлече. Фатени во сопствените лаги, прес-службата на Владата на Мицкоски се демантира самата себе“,

се вели во попладневното соопштение на СДСМ.

Од СДСМ велат дека од Владата во соопштение до медиумите испратено на 24 јуни се наведува дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик-директор на „Идризово“, одделение во Велес, а наведени се и други назначувања, како и она на Емил Јанески, кој на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции е именуван за в.д. директор на КПД „Прилеп“, а за кого Илиевски рече дека има кривична пријава за несовесно работење.

„Тоа соопштение го имаат сите медиуми и денешната реакција на истата прес-служба дека не бил именуван е смешна. Впрочем врз основа на ова владино соопштение медиумите и ја пренесоа веста за неговото именување“,

додаваат од СДСМ, од каде што прашуваат „дали Владата на Мицкоски сака да каже дека медиумите сами си ја измислија веста?“.

Според наведеното во соопштението од СДСМ, Владата треба да одговори и дали тоа што си правеле пиши-бриши на соопштенијата под притисок на јавноста значи дека Владата е пишман и за други одлуки.

„Кое друго име е избришано од најавените назначувања за директори?“,

прашуваат од СДСМ обвинувајќи дека ова е класична криминална кадровска политика.

Именувањето на кадровски решенија за в.д. директор на одделението Велес на КПД „Идризово“ денеска го актуализира советникот на СДСМ во Општина Битола, Методија Илиевски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски до толку немаат кадри за институциите, што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави, ги ставаат за в.д. директори на затвори.

Според него, во 30 дена работа, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат секојдневни скандали, промашувања и разочарувања и оставиле лош впечаток со кадровски промашувања.

На ова веднаш реагираа од владината прес-служба, од каде што во соопштението се велеше дека СДСМ шири дезинформации затоа што, како што тврдат во писмената реакција, поранешен затвореник не бил назначен за в.д. директор на одделението Велес на КПД „Идризово“.

Од Владата тврдат дека се разгледувал таков предлог, но не бил прифатен.

На реакцијата на СДСМ за в.д. директорот на одделението Прилеп, пак, од Владата велат дека треба да се почитува пресумцијата на невиност.

Соопштението на Владата за именувањето на Ибрахим Ељези за в.д. заменик-директор на Идризово со отворено одделение во Велес, „360 степени“ го објави на 24 јули каде беа наведени и други лица кои се назначени на функции во затворите низ државата.

Но, ако денеска го отворите соопштението за оваа седница кое е објавено на владината веб-страница, името на Ељези не постои.

- Реклама -