Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови екоавтобуси“
„Како на советници, од страна на претседателот на Советот ни е ускратено правото што го имаме согласно Статутот и Деловникот да разгледуваме иницијативи и да постапуваме по нив. Ги уверувам граѓаните дека единствено ние како советници во Советот на Град Скопје можеме да донесеме таква одлука“, вели советничката Ирена Витина
Поради сериозноста на проблемот со приватните превозници, советниците во Град Скопје од редовите на СДСМ денеска испратиле барање до претседателот на Советот Трајко Славески, да свика вонредна седница.
Од СДСМ во соопштението испратено попладнево, велат дека поради префрлање на одговорноста за тоа кој е виновен и кој треба да го реши проблемот, граѓаните се соочуваат со недостиг на јавен превоз.
„Додека претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат топката кој е крив и кој треба да го реши проблемот, скопјани повторно се оставени на цедило да кубурат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се грижат за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ три години се кара и води инает со градоначалничката Арсовска, истата која ја промовираа за најдобра менаџерка и ветуваа дека Скопје ќе биде модерна метропола, со бесплатен превоз и нови 250 автобуси“,
се вели во соопштението.
Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови екоавтобуси“.
„Не видовме ниту модерен град, ниту модерен јавен превоз. Напротив, јавниот превоз е во катастрофална состојба, а градот е задушен во ѓубре. Граѓаните се оставени сами да се снаоѓаат за превоз. Одговорноста за хаосот со јавниот превоз во Скопје е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови екоавтобуси. Дури сега се сети премиерот Мицкоски да набавува само 100 автобуси, за кои да биде поголем апсурдот, не се предвидени пари во новиот Буџет“,
додаваат од СДСМ.
Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје ги повикуваат сите останати советници да ја поддржат иницијативата, се наведува во соопштението.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска преку соопштение му порача на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, дека го охрабрува да ја стави точката за приватните превозници на дневен ред на седница, а потоа заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе поддржат или не зголемување на цената за превоз на приватните превозници.
По само два дена откако во јавниот превоз се вклучија приватните превозници, вчера тие повторно ги исклучија автобусите од сообраќај.
Причината за ваквиот потег е револтот зашто на вчерашната седница на Град Скопје не беше разгледано нивното барање за зголемување на таксата по километар.
Иницијативата на приватните превозници била доставена вчера околу 15:30 часот до претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во врска со барањето на приватните превозници за зголемување на таксата по километар, кое не беше разгледано на вчерашната седница денеска реќе дека градоначалничката Данела Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност како што е јавниот градски превоз.
Славески рече дека пред две години кога приватните превозници штрајкуваа и изразуваа знаци на револт, Арсовска им ги раскинала договорите и почнала постапка за избор на нови даватели на услуги. А сега, како што вели тој, иако веќе тие четири-пет месеци не се држат до договорите потпишани пред година и пол, а важат до 2025 година, таа ги толерира.
На приватните превозници им порача да не наседнуваат на манипулациите на Арсовска оти таа е непредвидлива жена.
Изјавата на претседателот на Советот Трајко Славески во врска со иницијативата на приватните превозници за зголемување на надоместот на услуга по километар, советничката во Град Скопје, Ирена Витина ја оквалификува како неточна.
Таа рече дека советникот Горан Арсов доставил иницијатива, а градоначалничката дала мислење и оти нема пречка да се закаже вонредна седница, бидејќи како што рече „околностите се вонредни“.
„Како на советници, од страна на претседателот на Советот ни е ускратено правото што го имаме согласно Статутот и Деловникот да разгледуваме иницијативи и да постапуваме по нив. Ги уверувам граѓаните дека единствено ние како советници во Советот на Град Скопје можеме да донесеме таква одлука“,
изјави Витина.
Витина смета дека треба да се почне дебатата за иницијативата и дека по којзнае кој пат тоа право како на советници им се ускратува.
„Уште еднаш ќе повторам, мислењето на градоначалникот е едно, но нашето право на одлука е наше. Обврска ни е пред граѓаните на Град Скопје, пред приватниците да не играме дворски игри и да бидеме одговорни“,
рече Витина.
Приватните превозници од понеделникот се вклучија во јавниот градски превоз, но не со целиот капацитет, туку само оние превозници кои имаат финансиски можности. Тие минатата недела апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше минатиот четврток, откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази.
Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.