СДСМ почнува со подготовките за свикување на отчетниот конгрес, по него ќе следуваат внатрепартиските избори

Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избираат претседател, заменик-претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ, брифираат од партијата

Раководството и Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) наредната недела ќе одржат состаноци за отпочнување на постапката за свикување на отчетен конгрес по изборните резултати на партијата на двојните избори, велат од СДСМ.

Седиштето на СДСМ во Скопје / Фото: „360 степени“

На конгресот, како што брифираат од партијата, ќе се разгледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и извештаи за работењето на СДСМ, а се очекува да бидат дефинирани и роковите и начинот за спроведување на внатрепартиски избори.

„Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик-претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ“,

велат од СДСМ.

Одржувањето на внатрепартиските избори во СДСМ го најави актуелниот лидер Димитар Ковачевски ноќта на 8 мај по двојниот изборен пораз на социјалдемократите.

Ковачевски тогаш порача оти никој не е без одговорност за изборниот пораз и затоа СДСМ ќе мора да погледне навнатре и да размисли за причините за слабите резултати. Според Ковачевски, процесот на обнова мора да биде на сите нивоа и повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, па сè до претседателите на општинските организации и на сите органи и тела на партијата.

- Реклама -