„Гордата“ Гордана и придружните министри во Бугарија беа пречекани како претставници на локални бугарски клубови и општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО, реагираат од опозициската партија
Македонската држава доживеа невидено понижување и срам на меѓународната политичка сцена поради тоа што делегацијата на чело со Гордана Сиљановска Давкова и придружните министри вчера во Софија доживеаа дипломатски дебакл оти беа пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска вели дека делегацијата од Софија се враќа без никаква конкретна порака или договор, па оттаму се поставува прашањето зошто граѓаните ја плаќаат граѓаните претседателката додека таа гледа опери и ужива.
„Гордата Гордана се согласила на средба без да се истакне македонското знаме, избра да праќа соопштенија до јавноста без користење на државното уставно, се согласила на средба без заеднички изјави за медиумите. Ова е огромен срам“,
вели Кузеска.
Од СДСМ ги прашуваат Сиљановска Давкова и Мицкоски која држава била претставувана во Бугарија и со кои симболи, односно каде се изгуби државното име и Македонија, за чие меѓународно признавање се бореле генерации.
„Каде се изгуби ветената и неостварена гордост? Дали сликањето до бугарското знаме значи дека ја претставува Бугарија?“,
рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ кажа и дека Мицкоски и Сиљановска не се ни свесни за тоа во која мера се изиграни и понижени и оти нив воопшто и не ги третираат како државници бидејќи самата Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ се согласиле однапред на приватен и понижувачки третман во Софија.
„Импровизација и наивност е надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска. Со вакви политики, Македонија ниту е горда, Гордана уште помалку е горда, а граѓаните и државата ќе трпат понижувања секој ден“,
заклучи портпаролката Кузеска.