СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се расправаат за информациите за дестабилизација на државата

Од СДСМ уште еднаш посочија дека, доколку премиерот Христијан Мицкоски вистински поседува информации, тој е должен итно да ги информира институциите и прашаа – зошто тоа не го прави

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија – Кузеска и СДС да внимаваат што зборуваат на прес-конференции, да не треба после пак да се извинуваат

Опозицискиот СДСМ вели дека премиерот Христијан Мицкоски молчи по вчерашните нивни повици да ги објави, како што велат, наводните информации за дестабилизација на државата од страна на политичка партија. 

Уште еднаш посочија дека, доколку Мицкоски вистински поседува информации, тој е должен итно да ги информира институциите и прашаа – зошто тоа не го прави? 

„Премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио. Доколку тоа го прави само за да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чуства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја пратат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ“, 

изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Во партијата сметаат дека секоја најава за дестабилизација значи грч за граѓаните и за економијата, страв и тензија во општеството.

„Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира. Бараме итно да се произнесе прецизно по ова тврдење, бараме Сиљановска-Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран. Бараме обивнителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување“,

додаде Кузеска.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија – Кузеска и СДС да внимаваат што зборуваат на прес-конференции, да не треба после пак да се извинуваат, кој ќе им го гледа срамот.

„Дали некој во СДС проверува што ќе каже Кузеска или чита што и дојде под рака? За разлика од времето на СДС кога немаше одговорност, сега во време на ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека ја разбираат нервозата во СДСМ затоа што, како што велат, слични инциденти имало и во минатото кога тие биле власт, но тогаш се заташкувале и се молчело.

„За разлика од сега, кога има акција и одговорност за секого. Има разлика. Државата е управувана од луѓе кои работат за подобра иднина на народот, за разлика од СДС и ДУИ кои работеа за себе“,

велат од владејачката партија.

Инаку, вчера на прес-конференцијата што ја имаше заедно со косовскиот премиер Албин Курти, премиерот Христијан Мицкоски рече дека има информации, добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што рече, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Тој дополни дека според информациите што ги има, се очекува тоа да се случи оваа есен.

- Реклама -