СДСМ го впери прстот во Тошковски за бегството на Рамадани, тој им порача: Престанете со празни обвинувања, МВР и судот се различни институции

„Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната пи-ар служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени. Со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека со нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана. Меѓутоа, да се префрли вината за сѐ на новата влада е манипулација со јавноста“, реагира Тошковски

Опозицискиот СДСМ денеска, коментирајќи го бегството на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, прстот го впери директно во министерот за внатрешни работи Панче Тошковски обвинувајќи дека откако тој дошол на власт, државата била претворена во „хотел промаја“, а криминалците бегале „како ќе им текне“.

„Вчерашното бегство на Блерим Рамадани, човек баран со меѓународна потерница, е уште еден во низата настани кои потврдуваат дека МВР под Тошковски нема контрола над државата. Прашуваме како е можно да се дозволи бегство на затвореник баран со меѓународна потерница? Дали дозволи да избега или е крајно неспособен да зачува криминален кој е меѓународно баран? Тошковски исто не одговори, како е можно само пред неколку дена други десет затвореници да избегаат од Шутка?“,

прашаа од СДСМ.

Министерот Тошковски по ваквиот напад реагираше преку својот фејсбук-профил каде што порача дека во случајот со бегството на Рамадани вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор.

„Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната пи-ар служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени. Со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана. Меѓутоа, да се префрли вината за сѐ на новата влада е манипулација со јавноста“,

порача Тошковски.

Тој нагласи дека МВР во овој случај постапило согласно законот и максимално професионално.

„Лицето му беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи. СДСМ да престане со празни обвинувања, а ние и понатаму ќе бидеме фокусирани на вистински решенија за подобрување на состојбата во државата“,

дециден е Тошковски.

Како што веќе објавивме, од МВР во изјава за „360 степени“ денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција. Како што информираат од полицијата, по него ќе биде распишана централна потерница.

„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“,

изјавија од МВР.

- Реклама -