СДСМ: Единствено фијаско се погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ

Откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ го нарече „фијаско“ денешниот собир на просветните работници кој беше организиран од страна на СДСМ, од опозициската партија возвратија велејќи дека иако во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ биле во опозиција, ветувале поголеми плати за наставниците, откако седнале на фотелјите, ја смениле плочата и рекле дека нема пари за оваа намена

Единственото фијаско се погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ, притисоците кои тие ги прават и навредите кон оние кои се противат на нивните лоши политики, што, пак, е одраз на стравот кои тие го имаат од просветните работници, одговорија од СДСМ по јавните прозивки од владејачката партија, од каде денешниот собир на просветните работници пред Министерството за образование и наука во организација на опозициската партија го нарекоа фијаско.

Од СДСМ велат дека образованието како една од најважните области е комплетно запоставена од страна на премиерот Мицкоски и неговата партија, додека, пак, наставниците единствено добиле понижување, иако претходно од позиција на опозиција, како што велат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ветувале поголеми плати за наставниците.

„Иако им ветуваа поголеми плати на наставниците како опозиција, само што седнаа во фотелјите ја сменија плочата и сега велат нема пари. Тоа веќе не е фијаско туку се вика лажење! СДСМ седум години ги покачуваше платите на наставниците дури и во ковид кризата и за време на енергетската криза. Секој септември се покачуваа платите на наставниците и кумулативно зголемувањето достигна 55%“,

велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го погазиле достоинството на наставниците и побараа наместо да лажат на прес-конференции, да започнат со работа и да ги покачат платите за просветните работници.

На реакцијата на СДСМ и претходеше прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, на која пратеникот Сергеј Попов денешниот собир го нарече фијаско во кое учество земале само дваесетина партиски активисти, со што се покажало дека лидерот на партијата, Венко Филипче ја нема поддршката ниту од своите членови, а не, пак, на народот.

Денеска, со пораките „Нема оправдувања“, „Зголемете ги платите“, „Наставниците тоа го заслужуваат“, учесниците на собирот на наставници и просветни работници побараа од Владата зголемување на нивните плати. Собирот го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ и се одржа пред зградата на Министерството за образование и наука.

Пари има, рекоа учесниците на собирот, но прашањето е, оценија, кои се приоритетите. 

„Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12 отсто. Ако можеше за седум години секоја година да се зголемува платата на наставникот, нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува“,

рече наставничката Розалија Ангеловска.

- Реклама -