Жените во Саудиска Арабија стануваат сè повнимателни околу бракот и цврсто се држат до своите права, особено до оние неодамна стекнати. Така, сè почесто инсистираат на предбрачни договори со кои ќе им се гарантира правото да возат, да имаат свој дом, да работат или да учат, пренесува „Франс прес“.
Предбрачниот договор им дава сигурност во општеството кое сè уште е изразито патријархално, констатира агенцијата. Иако таквите права им се „гарантирани“ со закон, Саудијките инсистираат истите да се најдат и во предбрачните договори, за да не останат на милост и немилост на сопругот или неговото семејство.
Откако лани беше укината забраната за возење, сега дел од нив одат и чекор понатаму со барањата од идните сопрузи – да поседуваат свој автомобил и да им биде дозволено да возат без машка придружба, што го сметаат како еден од најважните фактори за својата независност.
Неисполнувањето на потпишаното, пак, на Саудијките им дава основа да побараат развод.
Засега нема статистика за тоа колку се чести предбрачните договори со ваква или слична клаузула, но евидентно е дека не сите застануваат на тоа да се има основна независност. Дел од Саудијките почнуваат да поставуваат и дополнителни, дрски (според саудиски стандарди!) барања, како тоа мажот писмено да се обврзе дека нема да пуши, жената да има пристап до неговата плата, забрана за сопругот да земе втора жена, и слично.