За промената на уставното име не треба да жалиме, туку тоа е голем напор и важна работа со која граѓаните и државата треба да се гордеат и ја покажала нивната храброст, порача денеска претседателот на Европскиот парламент – Давид Сасоли, во обраќањето во македонското Собрание, во рамки на дводневната посета на земјава.
„Тоа ќе ви овозможи не само да барате преговори и членство, туку и да пристапите кон евроатлантските сојузи. Тие два момента ќе бидат многу важни за вашата иднина. Ова е одлучувачки чекор што им покажа на европските институции дека сте подготвени за заеднички пат со нас. Тоа е сигнал што треба да го пренесете на јавното мислење“, порача Сасоли, додавајќи дека во Брисел постои исто толкава cтpacт (за почеток на преговори со Северна Македонија) како и овде, поради што претседателот на ЕП е уверен дека резервираноста на малиот број членки ќе биде надмината.
Сасоли истакна и дека она што неговите колеги го нарекоа „историска грешка“, тој преферира да го нарече „историски застој“, констатирајќи дека не се работи за „не“ или за „блокада“, туку само одложување, мало, поради што земјава треба да остане на патот кон ЕУ интеграцијата. За тоа да се случи, порача тој, на Европа ѝ е потребен нашиот ентузијазам и желба за слобода и демократија. Затоа, рече, на младите треба да им се објасни дека овој процес нема да запре.
Зборувајќи за средбата што ја остварил со група млади од земјава, тој истакна дека тоа се истите млади луѓе што ги среќава низ земјите од ЕУ, кои ги делат истите желби и надежи за живот во подобар свет:
„Тоа беа истите тие млади кои ги среќавам во државите од ЕУ, тоа се младите кои минатиот месец ги сретнав во Финска. Тие имаат исти cтрacти, визии, но и ист гнeв затоа што сакаат да живеат во подобар свет. Да им објасниме на младите, да ги убедиме дека овој пат мораме да ја доведеме С. Македонија до преговори“, порача Сасоли во Собранието.
Во обраќањето тој изрази и задоволство што на состанокот со политичките партии утрово, и покрај плурализмот на мислења, постоело единство во желбата да започне процесот на преговори и во тоа дека Европа е иднината на земјава.