Сасоли до младите во Македонија: Не губете надеж, кога-тогаш ќе станете член на нашето семејство

Во видео обраќање преку Твитер, по повод дводневната посета на земјава, Претседателот на Европскиот парламент – Давид Сасоли, ги повика младите во Северна Македонија да не губат надеж.

Сасоли истакна дека ова е важна посета и за него лично, но и затоа што овие две посети ќе бидат први надвор од рамките на Унијата, во земји, како што вели тој, „со кои сме пријатели и кои сакаме да станат дел од Унијата“.

„Знаеме дека луѓето во Северна Македонија и Албанија беа длабоко разочарани кога слушнаа дека некои ЕУ членки го блокирале стартот на преговорите. Го разбирам и го делам вашето разочарување. Ги исполнивте сите критериуми, завршивте одлична работа и заслуживте зелено светло за почеток на преговорите“, вели Сасоли, додавајќи дека Европскиот парламент и Европската комисија, заедно со големо мнозинство од земјите, го изразиле сосема јасно својот став по ова прашање. Сепак, според Сасоли, дискусијата за проширување не е завршена.

„Европскиот парламент – домот на демократија во Европа, стои со вас. Нема да молчиме. Ќе притискаме силно за позитивна одлука на следниот состанок на Европскиот совет“, уверува претседателот на Европскиот парламент. Во посебен апел до младите, тој порачува:

„Имам едно барање, посебно до младите луѓе во Северна Македонија: Ве молам, не губете надеж. Ве молам, не се откажувајте од европската иднина. Вие припаѓате во нашето семејство и кога-тогаш ќе бидете член на ова семејство. Бидејќи ова семејство ќе ве пречека со верба и надеж“.

- Реклама -