Одлуката на Апелацискиот суд следува по жалбата на Мијалков за одлуката на Кривичниот суд, според која тој требаше да оди на условен отпуст кон крајот на годинава
Ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, в четврток излегува од затвор под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело. Одлуката на Апелацискиот суд следува по жалбата на Мијалков за одлуката на Кривичниот суд, според која тој требаше да оди на условен отпуст кон крајот на годинава.
Скопска апелација ја прифатила жалбата на Мијалков на нејавна седница одржана на 14 мај, со што одлуката на Кривичен се преиначува, а поранешниот прв човек на УБК излегува од затвор за три дена отсега.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КР-84/24, на нејавна седница на ден 14.05.2024 година, донесе решение со кое ја уважи жалбата на осудениот С.М. од С. и решението на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи така што осудениот се отпушта на ден 23.05.2024 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст 25.04.2025 година, да не стори ново кривично дело“,
стои во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.
На почетокот на април годинава скопскиот кривичен суд донесе одлука за условен отпуст на ексшефот на УБК од 25 декември годинава, сè до 25 април следната година.
Мијалков во струшкиот затвор, кој е од отворен тип, издржува казна од три години за случајот „Империја“ во кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Покрај затворската казна, на ексшефот на УБК му е одземен имот вреден околу три милиони евра, меѓу кои 25 стана и парцелата до хотелот „Мериот“.