Трн: Каков роман е “Среќните луѓе не слават родендени”?
Кокаланов: Се надевам добар. Многу повеќе би сакал ова прашање јас да им го поставам на моите читатели, отколку самиот да треба да го одговарам. Тоа што го прави малку понеобичен од останатите мои романи и се надевам на читателите ќе им донесе едно поинакво читателско искуство е биполарноста што ќе ја најдете и во поднасловот „сценарио за роман“. Всушност, текстот е напишан на два јазика – на книжевен и на филмски. Ќе читате нешто што се родило како сценарио, а пораснало во роман, но не сосема. На некој начин си ја зачувало својата детска, наивна страна. Како што ние не му оставаме на детето во нас да порасне, така и ова четиво не му дава на филмот во ниеден момент да прерасне во „чиста“ книжевност.
Трн: Ова е твој шести роман и се смета дека е совршено сценарио за филм, според должината, динамиката итн. Која е формулата за добра книга, добро филмско сценарио? Се учи ли тоа или можеби нешто друго е пресудно?
Кокаланов: Со која било уметност да се занимава човек, веројатно треба да постои некаква дарба. Од друга страна, кога не би имало работи што може да се научат во занаетот (а пишувањето е занает како и секој друг) не би постоеле уметничките факултети. Горан Стефановски во воведот на неговиот брилијантен драмски прирачник „Мала книга за стапици“ вели дека кога на луѓето ќе им кажел дека предава драматургија, како се создаваат драми, тие обично кревале веѓи и го прашувале: како тоа воопшто може да се предава? Мислејќи на тие потсвесни процеси, интуицијата, природната надареност, кои неспорно се дел од творењето. Арно ама, од друга страна, никој не се чуди кога некој ќе каже дека предава математика, иако и добар дел од математиката не може да се научи, ако не си роден математичар. Јапонскиот писател Мураками има интересна теза дека пишувањето проза е како маратонското трчање, бара секојдневен тренинг и дисциплина. Десет истрчани километри на ден, вели тој, или десет странички на ден ако сакаш да бидеш писател. Кога бевме студенти, Сашко Насев бараше на испит да отидеме со сите листови испечатени што сме ги напишале за време на семестарот. Без разлика дали е добро или лошо. Многу од таа хартија праведно или неправедно ќе заврши во кантата за отпадоци. За среќа, денес овој процес е многу поеколошки, ниедно дрво нема да уништите ако седнете пред компјутерот и испишете десет, дваесет или триесет страници, дури и ако сите завршат во корпата за отпадоци на компјутерот. А, ако книжевноста е маратон, филмот е ултрамаратон. Нема точна формула колку сценарија што никогаш нема да се снимат за да дојдеш до тоа едно што ќе биде филмувано. Нема гаранција ниту дека баш оние најдобрите ќе се снимат. Баш треба да му се погоди хороскопот на едно сценарио за да стане филм. Еве, вие во прашањето велите дека ова било совршено сценарио за филм, за што јас многу ви благодарам, но ете на пример, кај читачите од Агенцијата за филм некои други сценарија ми поминаа многу подобро од ова. Убавината во нашиот занает е што сѐ се врти околу приказните, а тие, ако вредат да бидат раскажани, ќе си ја најдат точната агрегатна состојба.
Трн : Велиш во романот – “Среќата е преценета работа и денес многу полесно се доаѓа до среќа, отколку во некое друго време”. Дали среќата може да се измери и кои би биле параметрите за тоа?
Кокаланов: Тоа го кажува еден од ликовите во романот. Има и ликови кои не мислат така. Тие си полемизираат меѓу себе, јас се трудев да не им пречам. Да, пишувањето е доста шизофрен процес. Како и да е, штом издавачот се определил токму тие редови да ги извади на корицата, веројатно препознал нешто во нив. Среќата е една од оние вечни теми за кои човек веројатно никогаш нема да престане да размислува. Не знам дали постои точно мерило за среќа, зашто за да постои некаква скала, прво би требало сите да се договориме што е тоа среќа. Тешка работа. Секој човек си има своја дефиниција за среќа, и замислете сите се точни. И погрешни во исто време. Како за кого. Затоа потрагата по среќа, дури и кај блиски, кај најблиски, често пати раѓа заплети. Од еден таков заплет се изнедри и овој роман.
Трн: Во кој жанр би го сместиле денешново општество? Комедија, сатира, трагедија?
Кокаланов: Слично е како и со среќата, не секој човек го живее и го доживува општеството на ист начин. Веројатно ако направите анкета, големо мнозинство ќе се определи за трагикомедија. И веројатно ќе биде во право, нема ден да не налетаме на комични и трагични апсурди. Не знам… Некој побезобразен ќе ви рече дека живееме во тврдо порно, зашто разни структури на моќ ни го онакваат здравиот развум брутално, бескрупулозно, секој ден. И нему човек тешко да му противречи…
Трн: Се вели дека авторите пишуваат секогаш за дел од себе во своите книги. Во кој лик има најмногу од тебе?
Кокаланов: Се трудам да сум подеднакво отустен во секој од ликовите од овој роман. Што ен значи дека не ги сакам. Кога нешто сакам да кажам во овој роман, тоа го правам во прво лице еднина. Ќе сретнете забелешки од сценаристот за режисерот и обратно. Сценаристот сум јас и тоа не е направено меѓу редови, туку јасно е обележано.
Трн: Работеше како новинар, создаваш за театар и за тв серии, работииш со студенти на ФДУ. Во кое поле сметаш дека си најуспешен?
Кокаланов: Немам поим. За работата како новинар, ти суди јавноста. За книгите, претставите, сериите, филмовите.., те оценува публиката, критиката онолку колку што ја има, луѓето што се бават со верификување на творештвото… За работата на факултетот, најмеродавно е што мислат студентите и се разбира, какви генерации драмаџии и филмаџии ќе создадеме.
Трн: Поголем дел од твоите книги се некомерцијални, односно се обраќаат на помала читателска публика и на читателите со истенчен вкус. Кај овие книги успехот не се мери преку бројот на продадени примероци туку според што?
Кокаланов: Пишувам само книги какви што сакам да читам. Верувам дека сите тоа го правиме. Немам никакво чувство додека работам на некој роман, на пример, за тоа во колкав тираж ќе се продаде, ниту пак дали е нешто повеќе или помалку комерцијално, дали ќе се најде во конкуренција за некаква награда или слично. Не пишувам, како што велите, за мала одбрана публика. Јас пишувам за тој еден кој во моментот ме чита, не за публика. Книжевноста ја доживувам така – како интимен разговор еден на еден, не како обраќање кон множество. Нема никаква предумисла. Не ги разбирам, на пример, филмаџиите кога ќе ми кажат, знаеш работам филм кој нема да продава карти во кино, повеќе е некакво фестивалски. Што значи тоа? Па и на фестивали се продаваат карти. Нејќеш белки да го измамиш тој што платил карта.
Трн : Деновиве заврши снимањето на последната сезона на Преспав, еден од најуспешните и најгледани ТВ проекти во земјава? Очекувавте ли ваков одговор од публиката?
Кокаланов: Дел сум од сценаристичката екипа на тој ситком од првата епизода и веќе по осум години ја имам изгубено и онаа најмала нужна дистанца за да бидам објективен. Премногу сум внатре и премногу долго. И филмот и телевизијата се тимска работа, но кај телевизијата речиси и да нема еден авторски глас, за да кажам тоа е мое дело. Дури ни ако зборуваме само за сценариото, а не пак за финалниот производ. Штотуку заврши емитувањето на седмата сезона и мислам дека самиот факт дека се случиле седум сезони најдобро зборуваат дали тој голем и шаренолик тим што го собра на едно место продукцијата „Охо“ завршил добра работа.
Трн: Што е следен проект? Нов роман, филм, претстава или?
Кокаланов: Работам од сѐ по малку, а можеби почесно е кон моите дома да кажам – од сѐ по многу. И тоа речиси по правило на повеќе работи паралелно. Самото ќе си се каже што ќе види бел ден, што ќе заврши во корпа. Тоа што си многу часови врз тастатурата не е гаранција дека ќе излезе нешто вредно. За жал, важи обратното – ако ич не поминуваш време над тастатурата, гарантирано нема да излезе ништо, ни вредно ни невредно. Кај книжевноста, барем го имаш луксузот самиот да си бидеш свој газда. Во филмот, театарот и телевизијата најчесто го нема тој луксуз и не зависи само од тебе што ќе случи, а од што нема.