Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), денес на седница ги разгледал предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост. Како што соопштија, изразуваат „особено жалење и загриженост“ што релевантните институции го игнорирале заедничкото соопштение на сите верски заедници, кои, како што тврдат, претставуваат над 95 отсто од населението.
„Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие закони за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството. Негативните последиците од ваквите закони веќе ги согледуваат најстарите демократски општества во светот каде веќе се предмет на сериозна критика или отфрлање. Будно следејќи ги сите случувања и активни притисоци за носењето на овие закони, длабоко сме загрижени и доведени до ситуација да мора да го заштитиме и одбраниме семејството, а пред сѐ нашите деца“, се вели во соопштението на Синодот.
Синодот, воедно, ги повика верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи, да им се приклучат во оваа, како што велат, „борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права“ и да излезе на мирен протест против донесувањето на овие закони.
„Заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзиното искоренување спомнат во член 23 точка 5 од Предлог-законот и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм ‘Св. Климент Охридски’ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони“, повика Светиот синод.