Тони Паркер влезе во топ-форма во вистински момент за Сан Антонио Спарс, носејќи му ја на својот тим победата на гостувањето против Торонто Рапторс.
Спарс се мачеа да го скршат отпорот на домаќините, па до триумфот стигнаа по две продолженија од по пет минути, најмногу благодарение на извонредното издание на својот стартен плејмејкер. Паркер го заврши натпреварот со 32 поени, шест од нив во второто продолжение со три погодени шутеви од исто толку обиди.
Ова беше втор меч во низа на кој што Французинот ја минува границата од 30 поени, потврдувајќи дека и оваа сезона ќе биде главен адут на Сан Антонио.
„Тони е нашиот лидер, тој е тука за да ги погодува клучните шутеви. Вечерва го стори токму тоа“ – изјави искусниот центар на Спарс, Тим Данкан.
По двата порази во низа кошаркарите на Њујорк се вратија на победнички патеки, откако на домашен терен го совладаа Детроит со убедливи 121:100. Кармело Ентони со 29 поени беше најпрецизен на натпреварот, „резервистот“ Стив Новак постигна 18 поени, додека Смит и Валас придонесоа со по 15 поени во оваа победа на Њујорк, вкупно деветта за Никс оваа сезона.