26-тито по ред меѓународен „Саем на книгата – љубовта кон пишаниот збор“ ќе биде отворен на 8 април во Метрополис арената на Скопски саем и ќе трае до 14 април, а на истиот ќе учествуваат над 70 издавачи на книги.
САЕМОТ НА КНИГАТА како една од најзначајните културни манифестации во земјата обезбедува најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
За време на траењето на Саемот секој ден ќе има промоции и читања во Промотивниот центар на галеријата во Метрополис арената, а на 12. април ЗИКМ ќе ги додели традиционалните награди: за најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на саемот и најдобар книжар на годината во Македонија.
Цената на влезницата е 30 денари и за групни посети 20 денари. Саемот ќе биде работи од 10 до 20 часот, а свечено ќе биде отворен во понеделник во 19 часот од министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Организатори на настанот се Скопски саем и Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ).