Амбасадата на САД во Виена издаде официјално предупредување поради опасност од тероризам во Австрија во предбожиќниот период.
„Врз основа на постоечките закани од меѓународни терористички организации и поединци, треба да се биде претпазлив“, наведува американската амбасада во предупредувањето, додавајќи дека потенцијалните терористи се инспирирани од „екстремистички идеологии“.
Во предупредувањето се вели дека посебно ризични се метата на кои се собираат туристи, трговските центри, аеродроммите, клубовите, рестораните, црквите, но и сообраќајните „чворови“ каде има голем проток на гости од Западот.
Предупредувањето американската амбасада го објави и на Твитер.
Од друга страна, BVT – австриската Канцеларија за заштита на уставот и антитероризам, порачува дека нема никаква конкретна закана од тероризам. Оттаму уверуваат дека се во постојан контакт со странските служби, како и дека во предбожиќниот период е засилена контролата и безбедноста во цела Европа.
Австрија ги засили безбедносните мерки во предбожиќниот период поради опасност од тероризам и пред три години, по терористичките напади во Европа.
Полицијата е поприсутна на улиците, посебно на локациите каде има поголеми собири на луѓе, како божиќните саеми. Пред божиќните саеми се поставени и бетонски бариери, за да се спречи „залетување“ на возила кон цивилите.
На Маријахилферштрасе – најголемата и најпозната шопинг улица во Виена, која е претворена во пешачка зона, со цел заштита од тероризам на влезовите е поставен „мебел“ од бетон кој е толку масивен што може да спречи секаков обид на влетување на возило.