Сѐ уште гори кај Македонски Брод и на Илинска планина – селото Негорци не е загрозено од пожарот

Според ЦУК, локализирани се пожарите кај Дојран, во Богданци кај Фурка, Пласница и депонијата кај Делчево

На денешната владина седница е констатирано и дека само во јули се регистрирани 620 пожари. Се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари

Се уште се активни пожарите кај Македонски Брод, Демир Хисар и кај селото Негорци, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираа дека денеска на територијата на држава има 31 пожар, од кои 14 се активни, три се ставени под контрола, а 14 се изгаснати.

Според последните информации од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, од пожарот кај Негорци не е загрозено селото. Поладнево тој апелираше и жителите да се вклучат во гаснењето, односно да се обидат да ја стопираат огнената стихија.

Овој пожар, го оцени како опасен, со оглед, како што рече, дека се приближи на 50 до 100 метри до првите куќи на селото.

Ангелов попладнево изјави декa има пожар и на територијата на општина Петровец, во атарот на с. Градманци, кој а се движи во насока на с. Катлановска Брезница. Таму гори деградирана шума, нискостеблести растенија.

Според ЦУК, локализирани се пожарите кај Дојран, во Богданци кај Фурка, Пласница и депонијата кај Делчево.

На денешната владина седница е констатирано и дека само во јули се регистрирани 620 пожари. Се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари.

„Констатацијата е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, поради палење стрништа, пасишта и меѓи, додека во делот на намерно предизвиканите пожари, преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат“,

се вели во соопштението од седницата.

Потенцирана е и брзата реакција од Владата, дека по првите поголеми пожари за само неколку часа е прогласена кризна состојба, а се одговорило и на барањето за вклучување на Армијата со помош за справување на состојбата.

„Состојбата ги надмина домашните ресурси, односно тие беа недоволни за справување со огнената стихија, и веднаш од страна на Владата беше побарана странска помош односно активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита, со оглед на тешката затекната ситуација и расположливите ресурси,

информира владината прес-служба.

- Реклама -