Русковска ја заврши истражната постапка за Боки 13, Јанева и Кичеец

Бојан Јовановски денеска напладне се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и таму остана околу 40-тина минути, но распитот воопшто и не почнал. Како што пренесува „Телма“, проблем настанал кога обвинителката Вилма Русковска на Бојан му дала да го потпише известувањето дека завршува истрагата. Бојан одбил, бидејќи тој и неговиот адвокат Сашо Дуковски ги немаат видено доказите.

Адвокатот не знаеше да каже дали истрагата била завршена само за Боки 13 или за целиот случај „Рекет“, но нешто подоцна од Обвинителството, преку соопштение, ја појаснија ситуацијата:

„По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител ја заврши истражната постапка за осомничените лица. Од денес тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените“, додавајќи дека утре, известување за завршување на истрагата ќе добие и третоосомничената Катица Јанева, која по вторпат ќе се појави пред Русковска, овојпат во улога на осомничена, а не како сведок.

Или, како што објаснила Русковска за „Телма“, истрагата за „Рекет“ е завршена, но само во делот поврзан со случајот Империја, додека истрагата за тоа дали Боки 13 ги рекетирал бизнисмените преку неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“ ќе продолжи. Повеќе ТУКА.

- Реклама -