Руското министерство за надворешни работи денеска издаде соопштение во кое го коментира гласањето за уставни измени за промена на името на Македонија и нејзин влез во НАТО. Според Москва, се работи за валкана манипулација на САД и кршење на сите норми, и правни, и морално-етички.
„Внимателно го следевме гласањето на 19 октомври во Собранието на Македонија за измените на Уставот кои се потребни за промена на името и влез на земјата во НАТО. Се беше организирано по каноните на „современа европска демократија“, иронична е Москва во соопштението.
„Осумте гласа, кои недостасуваа за потребното двотретинско мнозинство, беа обезбедени со уцени, закани и поткуп на пратениците од опозицијата. Тројца од нив, по чиста случајност, баш на истиот ден беа пуштени од притвор, на други двајца, против кои специјалното обвинителство има случаи, им е ветена слобода, а на останатите, во замена за „правилно гласање“, им беа понудени корумпирачки финансиски предлози. Пратениците беа заклучувани во кабинети, им беа запленувани мобилните телефони, очигледно во духот на европската демократска пракса. Вреди да се забележи дека американскиот амбасадор беше во зградата на Собранието до крајот на седницата, што не остава сомнеж за тоа кој раководел со тој процес“, се вели во соопштението на руското МНР.
„Го сметаме инцидентот за отворено кршење на сите норми, и од аспект на закони, и од аспект на моралот и етиката. Ваквите валкани манипулации не можат да се сметаат за манифестација на волјата на пратениците. Мислењето на две третини од Македонците, кои одбија да го поддржат Преспанскиот договор на неуспешниот референдум од 30 септември, грубо е игнорирано.
Решението на спорот помеѓу Атина и Скопје мора да се заснова на правна основа, на широка поддршка од народот, а не на поделба на општеството“, велат од Москва.