Руски специјалци ликвидирале притвореници кои држеле како заложници двајца чувари во Ростов

Руската државна новинска агенција РИА, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека притворениците биле обвинети за тероризам

Припадници на руските специјални безбедносни сили денеска влегле во притворски центар во јужниот град на земјата и убиле група притвореници кои под закана со ладно оружје држеле како заложници двајца чувари, пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на руските медиуми.  

Припадници на руските специјални полициски сили / Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Засега нема прецизни информации дали во интервенцијата на специјалните сили се ликвидирани сите припадници на групата, кои како што се наведува биле поврзани со Исламска држава (ИД), како и за нивниот број. Во дел од извештаите се наведува дека станува збор за петмина притвореници, додека во други се вели дека групата броела еден член повеќе, односно шест.   

„Криминалците се елиминирани…Ослободени се вработените кои беа држени како заложници. Тие не се повредени“,

соопштила руската Федерална затворска служба, пренесе новинската агенција Интерфакс. 

Руската државна новинска агенција РИА, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека притворениците кои ги држеле чуварите како заложници биле обвинети за тероризам. 

Агенцијата Интерфакс претходно објави, повикувајќи се, исто така, на неименувани извори, дека тие барале автомобил и слободен пат за излез од притворската установа. 

Според изворите на руската државна новинска агенција ТАСС, шестмината притвореници се наоѓале во централниот двор на притворскиот центар и биле вооружени со нож, гумена палка и секира. 

- Реклама -