Руски орли направиле огромна сметка за роаминг, летале дури до Иран

Рускиот мобилен оператор „MegaFon“ понуди да им го прости долгот за роаминг на руските орнитолози од еден истражувачки центар во Сибир, направен благодарение на 13 ретки орли, со што петкратно бил надминат вкупниот буџет на истражувањето.

Орнитолозите ја истражуваат миграцијата на заштитените степски орли и го следат нивното движење преку податоците кои специјалните околувратници ги испраќаат по пат на СМС пораки преку мрежната мобилна телефонија.

Арно ама, истражувачите утврдиле дека орлите летаат многу далеку; Една женка, именувана Мин, минатото лето од Сибир одлетала дури до Казахстан. Потоа пет месеци немало ниту една СМС порака од неа, а кога им се придружила на другите орли и патувањето го продолжила во Иран, каде се вратила во мобилната мрежа, нејзиниот околувратник одеднаш пратил стотина скапи СМС пораки со податоци за нејзиното движење.

Трошокот за СМС роаминг што го предизвикала Мин бил доволен да го испразни буџетот на истражувањето, но таа не била единствена. И другите орли одлетале далеку – до Таџикистан, Туркменистан, Пакистан. Mин дури и до Судан, вели Елена Шнајдер од истражувачкиот Центар за рехабилитација на диви животни во Новосибирск. Или посликовито, тоа изгледа вака:

Една СМС порака од Иран во Русија чини 77 центи, што е 25 пати повеќе од цената на истата СМС порака од Русија и 5.5 пати повеќе од цената на СМС од Казахстан. СМС пораките од SIM картицата на Мин во Иран ги чинеле истражувачите огромни 110 долари дневно. Така, СМС пораките неочекувано го надминале целиот буџет на истражувањето, започнато во 2015-та година.

Истражувачите, немајќи алтернатива, започнале crowdfunding кампања со надеж дека добронамерниците ќе им помогнат да ги соберат парите. Освен тоа, истражувачите и волонтерите од центарот подигнале и кредити за да го отплатат долгот и да го одржат својот проект во живот. Вo crowdfunding кампањата, пак, од петокот наваму имаат собрано повеќе од 300.000 рубљи, пренесува „Forbes“.

Женката Мин, во меѓувреме одлетала од Иран во Саудиска Арабија, а во саботата „се јавила“ со СМС порака од Судан, пренесува „New York Times“. Кога веста за нејзините роаминг трошоци се прошири и по светските медиуми, операторот „MegaFon“ понудил да го избрише долгот и да ги префрли СМС уредите на околувратниците на орлите на поевтина СМС тарифа. Така, истражувачите ќе можат да го продолжат проектот и следната година, а собраните пари од добронамерници и без тоа им биле повеќе од потребни.

Според „Forbes“, меѓутоа, нејасно е зошто истражувачите користеле СМС уреди кога можат да го користат бесплатниот систем GPS. Тие, пак, тврдат дека на овој принцип ги следеле орлите и минатите години и трошоците биле прилично предвидливи, но овојпат „нештата тргнале наопаку“.

Во светот, инаку, има уште 50 до 70 илјади степски орли. Во Русија има помалку од 10 илјади, а нивниот број нагло опаѓа и покрај тоа што од 2015-та се заштитен вид. Овие орли обично се гнездат на југот на Русија и во Казахстан, а зимите ги поминуваат во потоплите предели, некои дури и на Блискиот Исток и во Африка, пренесува „New York Times“.

- Реклама -